Зборот кој ги расипува извинувањата

Хариет Лернер е опишана како „еден од најсаканите и најпочитувани експерти за врски во Америка“. Сега има нова книга која укажува на моќта на извинувањата, особено ако тие се направени како што треба.

„Зошто не се извиниш?: лечење на големи предавства и секојдневни повреди“ излезе при средината на јануари оваа година и веќе е хит. Можеби затоа што се однесува на тема која ни е блиска кога треба некој нам да ни се извини, но одбивна кога истото треба да го сториме самите. Лернер се обидува да ги помири овие два спротивставени пола, подучувајќи нè како да препознаеме вистинско извинување без да го изнудиме, но и како да се извиниме така за оние на коишто сме им згрешиле да сфатат дека имаме сериозна намера да се поправиме.

Прво правило - не се важи како извинување, ако реченицата со којашто се прави тоа го содржи зборот „ама“. Нема „извини, ама...“, има само „извини“. Колку и да изгледа банален, тој еден збор покажува дека оној кој се извинува сепак не ја презема целата одговорност, и со проширување на пораката нуди непотребни објаснувања или оправдувања. Најдобрите извинувања се кратки и не вклучуваат никакви „разгранувања“ со „ама“, „но“ или „меѓутоа“.

Ултимативното извинување сепак подразбира и нешто повеќе од само „извини, а самим тим и опрости“. Грешникот треба да покаже дека разбира што (побогу) згрешил, да преземе целосна одговорност, да понуди план како да се поправи згрешеното и да вети дека ќе се подобри во иднина. Она другото, извинувањето со пола уста, обично ја намалува сериозноста на престапот, или го обвинува другиот што (наводно) погрешно ги толкува работите („Извини што си навреден“)

Извинувањето, вели накратко Лернер, е како одлепување фластер, само од егото. Само треба да стиснеш заби и да го направиш тоа брзо и одлучно. Ем помалку боли, ем можеш полесно да продолжиш со животот онаму каде си застанал.

Ви кажуваме со време, да си се подготвите до Прочка.

1 февруари 2017 - 17:12