Авторот на култната „Зен и уметност на поправање мотори“

Збогум Роберт Пирсиг

Освен ако не се „суви“ фактографски прегледи на животот на славните починати, некролозите за нив се секогаш во врска со нас самите. Овој е сигурно таков.

„Кажи некоја добра книга“, често се бара од мене од луѓе кои не ги познавам. „Некоја која ти влијаела врз животот и одеднаш ти го променила погледот на работите“.

Секогаш ме затекнува ваквата молба. Не затоа што не знам која е таа книга за мене - точно знам - туку затоа што каков и да е одговор ме прави соучесник во фаќањето нечија духовна „кривина“, одењето не по патот по кој поретко се оди, туку по пократкиот и (многу поважно), туѓиот пат. „Не иде тоа така“ би бил најреалниот одговор, кој истовремено би звучел надмено и непедагошки. Некои книги најпрвин непрочитани зреат во човека, како идеи и како сензибилитет, а дури потоа тие се препознаваат во нешто што е веќе напишано и објавено. И ништо притоа не се случува нагло. Едноставно, не иде тоа така.

121 пат одбивана од разни издавачки куќи пред конечно да биде објавена во 1974, „Зен и уметноста на поправање мотори“ станала една од книжевните икони на бит-генерацијата. И тоа му доаѓа некако „логично“. Автобиографскиот роман на Пирсиг е обид за составување на кршениците на „класичната“, западна цивилизација и нејзино хармонизирање со „романтичниот“ Исток, но и за составување на кршениците на сопственото јаство, снеможено од напорот да се прилагоди - обете актуелни теми во времето на излегувањето на книгата. Веројатно многумина од 5-те милиони луѓе кои ја купиле не ја зеле за озбилно забелешката на самиот почеток, дека таа никако не треба да се поврзува со огромното поле на зен-будизмот, а дека не содржи ни многу податоци за мотори. Луѓето сакаат брзи машини, кои ќе ги однесат далеку, без многу напор. А забораваат дека на тие машини им треба оддржување. Понекогаш и целосен ремонт.

Во моментот на смртта на Пирсиг, на 88 години, на светот изгледа дека очајно му треба таква поправка. Реченици од „Зен..“ (чиј наслов патем намерно на македонски е преведен со „поправање“ наместо со до оригиналот поблиското „оддржување“) делуваат пророчки, како „Ако бегаш од технологијата, таа ќе трча по тебе“ или „Не верувам веќе во големи програми на општествено планирање за масите што не се засновани на индивидуалниот Квалитет“. Ако Квалитетот - тој врвен принцип кој во себе ги сплотува изврсноста, добрината и убавото - е загрозен од Неквалитетот - спојот на дефектното, лошото и грдото - тоа не е некаков апстрактен, колективен проблем без јасно одреден извор и виновник. Загрозата и потенцијалот за Неквалитет доаѓа од секој од нас, затоа што не сме го оддржувале моторот на нашата душа, не сме метеле пред менталните порти, не сме ставиле со време антифриз во нашиот ум. Не сме се обиделе да поправиме нешто во нашата непосредна машинерија кога сме забележале дека тоа се расипува, туку сме го оставиле да дотрае, да за’рѓа, да скапе. „Зен...“ не повикува на некави нагли, револуционерни промени. Па сепак живеењето според она што таа го проповеда е мала и тивка револуција. Метафизика која го подобрува секојдневниот живот? Па ако не е таква, батали.

Смртта на Пирсиг дури и за оние кои го читале веројатно ќе помине неспектакуларно. И не само заради неговите години - тој по „Зен..“ 17 години пишуваше втора книга, „Лила“, а откако ја објави веќе не се појавуваше во јавноста и не пишуваше. Едноставно, немаше што да додаде. А и навистина, што би додал некој кој кажал сè.

Фала ти Пирсиг.

Илина Ј.

Целата книга на македонски за слободно симнување тука

 

25 април 2017 - 09:31