Затвореникот што најде грешки во енциклопедија

Приказна за необично пријателство, помеѓу уредник во Мериам-Вебстер и осуденик, кој нашол пропусти во енциклопедијата на овој издавач кои никој до тогаш не ги имал забележано.
 

Во 2004, Робин Вудс, кој тогаш служел затворска казна во Мериленд заради провала, земал да ја чита енциклопедијата на Мериам-Вебстер (Merriam-Webster's Collegiate Encyclopedia), големо издание од две кила, кое почнува со германскиот град Ахен, а завршува со „зимоген“ (проензим). Целта му била да ги прочита објаснувањата за сите два и пол милиони зборови, и со часови внимателно минувал низ страниците, раководејќи се од референците. Еден збор водел кон друг, па кон трет, и така можел да научи многу за една тема.

Еден ден почнал да чита за Торгрил Бег, основачот на империјата на Селџуците, кој владеел од 1037-1063. Но во речникот пишувало дека тој го освоил Багдад во - 1955.

Вудс свртел на првите страници, и го пронашол името на уредникот на изданието, Марк Стивенс.

„Драг г-дин Стивенс“, го почнал писмото до него, „ви пишувам за да ви укажам на печатна грешка во вашето инаку квалитетно издание“. Ја опишал грешката и заблагодарил за референтните книги во издание на Мериам-Вебстер, без кој „би бил изгубен“.

 

Она што сакал да го каже било дека енциклопедиите биле неговото самообразование. Растен во некогашен индустриски центар на два часа од Вашингтон, кој денес е сосема запустен, Вудс бил ставен во затвор на 23 години, заради пукање во станот на жена која ја познавал, со пушка од дедо му, додека се расправале околу дрога. Бил млад, гневен и речиси неписмен. До тогаш воопшто немал прочитано книга. Тоа и не се барало од него, бидејќи иако во основно бил ставен во програма за „специјално образование“, главно му биле давани обврски во школската кафетерија. Така, кога стигнал во средно, кога и да му било речено да чита на глас, тој само ја ставал главата на клупа, засрамен.

Во затвор, сам по 23 часа, без радио или телевизор, кога го слушнал затворскиот службеник како турка количка со книги, одлучил да се фати за работа. Ја позајмил автобиографијата на Малком Икс и „Сицилијанецот“ на Пузо. Првата се покажала прекомплицирана - „многу зборови кои морав да ги прескокнам затоа што не можев да ги прочитам“. Но набргу успеал да ја прочита втората и заплакал, од радост. Купил речник од затворската продавница и почнал да ги препишува зборовите и да ги чита на глас. Умот му бил ослободен.

На кратко бил и физички слободен. Во 1987 излегол од затвор и чистел канцеларии, обидувајќи се да не запаѓа во бељи. Не успеал - се опијанил и украл компјутери и телефони од една од канцелариите. Се вратил во затвор, на седум години. Но сега барем знаел што да прави со слободното време. Составил мала библиотека во затворската ќелија, во вредност од 900 долари. Споменатата енциклопедија ја нарачал преку пошта, откако дознал за неа преку каталог. Токму во неа ја нашол и грешката за која му пишал на уредникот.

При крај на тој ноември 2004, Стивенс го добил писмото од затворот во Мериленд. Наскоро одговорил, со благодарност за забелешката. „Ве молам известете ме ако најдете уште грешки“, му пишал тој на Вудс.

И овој го сфатил тоа буквално. Во следните две години, му испратил уште корекции за други енциклопедиски единици. Почнала преписка во кои биле разменети десетици писма, веќе не само за грешките, туку на различни теми.

Кога во 2005 Вудс дознал дека ќе биде без објаснување префрлен во построг затвор, службениците му рекле дека нема да смее да ги понесе книгите. Тој почнал штрајк со глад, и едноставно полудел. Му го напишал ова на Стивенс од ќелијата во која неговото тело од глад почнало да се распаѓа - штрајкувајќи загубил 30 кила.

Стивенс реагирал кај затворските власти, па овие се заинтересирале за случајот и му понудиле на Вудс дил - тој да престане со штрајкот, а тие за една година да го пуштат дома.

Во 2007 Вудс е пуштен од затвор. Работел како возач и телохранител, и постојано телефонски контактирале со Стивенс. Во еден момент тие и се виделе, минувајќи викенд заедно во прошетки и посетувајќи го домот на Емили Дикинсон.

Ова било добрата страна. Лошата била што тој сега немал толку време за читање. На некој начин неговиот живот станал многу поограничен отколку што си замислувал од ќелијата. „Додека телото ми е тука, во затвор, умот ми шета низ светот“, пишал тој од затворот неколку години претходно. И тоа благодарение на книгите, и посебно на една, која е заслужна за ова необично пријателство.

извор: Њујоркер

14 септември 2016 - 20:34