25-годишен уметнички проект

Закопај ги своите тајни (буквално)

Уметничката организација Creative Time, во соработка со француската концептуална уметница Софи Кал, започнува 25-годишен проект на гробишта во Бруклин. Насловот е „Тука лежат тајните на посетителите на гробиштата Грин Вуд“.

Проектот се состои од тоа што заинтересираните ги запишуваат своите тајни на парче хартија, кое потоа го уфрлуваат како во некакво поштенско сандаче во процеп на гроб, кој е отстапен на користење во следните две и пол децении. Кал на неколку години ќе доаѓа на гробот да го испразни од пораките и со нив ќе запали ритуален оган.

Како што објаснува на страницата со инструкции, таа дошла на оваа идеја откако нејзиниот љубовник на раскинување ѝ кажал своја голема тајна. Така таа станала нејзин чувар „до гроба“. Свесна дека и голем број други луѓе чуваат вакви туѓи или свои тајни, со чиј товар понекогаш тешко изглегуваат на крај, таа го замислила овој проект како некој вид терапија, ослободување од ваквото бреме. Посетителите на одредени датуми ќе имаат шанса и лично да ѝ ја кажат својата приказна на авторката, која гарантира анонимност и...тајност.

И претходните дела на Кал имаат врска со интимноста и идентитетот. Главно е позната по фотографирање туѓинци и наречена најпознатиот „стаклер“ во уметничкиот свет. Во 2007 пак таа покани 107 жени од различни професии (емигматичарка, судијка, психијатарка, актерка..) да го протолкуваат мејлот со кој ѝ раскинал дечкото (не знаеме дали е истиот со тајната). Со овој перформанс истата година таа стана ѕвезда на Венециското биенале, на кое беше претставник на Франција.

27 март 2017 - 18:37