Сто му идеолошких громова

Загор или за југословенскиот капитализам

Викендов, како што пренесоа и нашите медиуми, на 87 години почина Галиено Фери, цртач на стрипот со којшто израснаа бројни генерации.

Загор Те-Неј или „духот со секира", атлетски граден по модел на античките јунаци, со препознатливиот костим со црвена маица и жолт круг со орел, во своите авантури имаше помошник во ликот и делото на неодоливиот дебеличок мустаклија Дон Чико Фелипе Кајетано Лопез Мартинез и Гонзалес, чии „сто му громова, карамба, карамбита" беа еуфемизам за пцовки, но и легендарен цитат кој служи како „тестер" за тоа кој е роден по или пред осумдесетите.

Во ликот на Загор се внесени бројни митски но и поп референци, од старозаветни (Загор од Индијанците кога бил бебе го спасил татко му фрлајќи го во река, а потоа случајно е пронајден од човек којшто ќе го одгледа - исто како и Мојсеј), до генерално божествени (во еден момент во текот на собир на индијански поглавици на Дарквуд тој им се појавува во пламен круг, па тие помислуваат дека тој е нивниот бог Маниту), а препознатливиот извик - „Ааааааа" - комбиниран со скокањето по лијани асоцира на друг книжевно/стриповски лик од дивината - Тарзан.

Првиот број во Италија е излезен во јуни 1961, а во СФРЈ во 1968. Во текст објавен во стручното списание „Историја на 20. век" од 2011, Радина Вучетиќ го анализира феноменот на стрипот во таа поранешна држава, која употребувајќи ги атрактивните производи на инаку омразената, капиталистичка култура, се обидувала преку нив да протне сопствени идеолошки пораки, кои со тоа што стриповите ги читала пред сè младата генерација, имале и педагошка функција.

Во текстот под наслов „Дизнизација на детството и на младоста во социјалистичка Југославија" се вели:

Еден од клучните моменти во историјата на стрипот во Југославија е 1968, кога Дневник од Нови Сад покренува две значајни стрип-едиции, Златна серија (1968-1992) и Лунов магнус стрип (1968-1993), во кои се објавувани Текс Вилер, Загор, Тим Дастин, Лун-кралот на полноќта и други. Иако во овие едиции излегуваа главно стрипови на италијански автори, стануваше збор за посебна, „посредна" американизација, како и со „шпагети-вестерните", затоа што дејството на овие стрипови главно се одвиваше на Дивиот Запад или во Северна Америка (Капетан Марк, Загор). Слична, „посредна" американизација имаше и подоцна, особено со италијанскиот стрип Алан Форд, чие дејство се одвива во Њујорк.

Набрзо стрипот, како и филмот, како и скоро сè што претставуваше американизација и свртување ко Запад, почна да работи за комунизмот - самата надлежна служба на Агитпроп дозволувала официјалните младински весници да објавуваат стрипови, затоа што без нив никој не би ги купувал. Истовремено, таа поттикнувала создавање домашен стрип, со домашни теми. Темите од НОБ, една од осовините на пропагандата во југословенскиот социјализам и тоа со „американско оружје", како што беше случај со реконролот, а уште повеќе со „партизанскиот вестерн", биле присутни во југословенскиот стрип до средината на 80-тите. Врв претставувал стрипот на Десимир Жижовиќ Буин, Мирко и Славко, кој достигнувал тираж и до 200,000 примероци. Популарноста на стрипот носела и голема заработувачка, па очигледно е дека голем број издавачи, како и филмски дистрибутери, често го ставале профитот пред идеологијата, што бил уште еден чуден капиталистички обичај во комунистичко општество.

Вистинските напади на стрипот се сличиле на почетокот на 70-тите, и тоа не од идеолошки причини. Овој вид литература се нашла на ударот во борбата против „кичот и шундот". Законот донесен 1971 („Закон за измени и дополнувања за републичкиот данок на промет на стока на мало"), кој стапил на сила 1 јули 1972, му задал на стрипот значително потежок и долготраен (пред сè финансиски) удар од оние идеолошките од послевоениот период.

Целиот текст тука

4 април 2016 - 09:23