Од поговорот на д-р Ѓорге Иванов

За една замислена теорија на праведноста

Годината е 2002, кога од печат излегува македонскиот превод на „Теорија на праведноста", книга која претставува пресврт во најновата историја на филозофијата на правото.

Во неа авторот нуди принципи врз кои мора да биде конституирано модерното општество доколку сака да обезбеди соработка со своите граѓани како слободни и еднакви индивидуи.

За таа книга Иванов има напишано поговор во кој детално ги опишува и анализира овие принципи. Го потсетуваме на она што го напишал Роулс, и на она што тој самиот го напишал, завршувајќи го поговорот со следново:

Читањето на Роулс веројатно ќе го поттикне интересот за нови одговори на мноштво прашања произлезени од нашето еднодецениско животно искуство во услови на „слобода и демократија".

Годината е 2016, а наводниците уште стојат.

***
Од поговорот кон „Теорија на праведноста“ од Џон Роулс (издание на Слово, 2002)

Роулс преку теоријата на праведноста нуди оправдување на принципите врз кои модерното општество мора да биде конституирано доколку сака да обезбеди непристрасна соработка со своите граѓани како слободни и еднакви индивидуи. Тоа тој го постигнува преку зафат од три чекори. Првиот чекор е разјаснувањето на гледиштето од кое фиктивните претставници на народот би можеле непристрасно да одговорат на поставениот проблем. Роулс објаснува зошто страните во таканаречената почетна положба би се согласиле околу два принципа: прво, за либералниот принцип, според кој секој има право на пристап до рамноправен систем на основни слободи кој е во согласност со системот на слободи на другите, и второ, за дополнителниот принцип кој воспоставува подеднаков пристап до државните функции, и според кои социјалните разлики се прифатливи само доколку одат во прилог на оние што се најмалку привилегирани. Со вториот чекор Роулс покажува дека ваквата концепција на праведноста може да биде прифатена само во услови на плуралистичко општество кое самата праведност го промовира. Во третиот и последен чекор Роулс ги скицира основните права и принципи на уставната држава кои можат да се изведат од двата претходни принципа на праведноста.

(...) Даваjќи ѝ на праведноста можност за вреднување на постоечките институции, Роулс одново го воведува нормативниот елемент во политичката теорија. Впрочем, својата теорија на праведноста тој ја сфаќа како: „Теорија на нашите морални чувства, кои се пројавуваат преку промислени судови, чија рамнотежа се воспоставува со расудување".

Поврзаноста меѓу етичките судови и принципи со кои се регулира основната општествена структура сугерира дека Роулсовата теорија за праведноста може да се формулира преку прашањето какви треба да бидат принципите на поставеноста на основната општествена структура, за тие да бидат производ на рационалноста на изборот на која и да е индивидуа. Тука треба да се има предвид дека рационалноста на изборот на индивидуата се однесува на доследниот збир преференци, чија реализација претставува остварување на нејзиниот животен план. Преку наведеново, Роулс ја синтетизира етиката и политиката, инсистирајќи врз нивната меѓусебна поврзаност и зависност.

(...) Меѓутоа, токму плуралноста на современите општества остава низа отворени прашања: под кои услови некоја култура може да го прифати либерално-демократскиот поредок? Кои видови култура, погледи на свет, концепции за доброто, може да ги опфати таквиот поредок? Дали неговата стабилност е оптимално обезбедена само со понудата на темелните вредности, или може да се зголеми со активен однос кон културните групи? Дали односот на базичната структура на општеството спрема приврзаниците на различните доктрини навистина е фер, односно најблиску до идеалот за праведноста како fairness? Доколку не е, како да се обезбеди посебните права во тие сфери да не дојдат во конфликт со тие начела и со политичката концепција на праведноста? Како да се спречи можноста поединците да се најдат во многу тешка положба, која интиутивно е неприфатлива и затоа неправедна? Дали треба на таквите лица индивидуално да им се помогне? Под кои услови таквата индивидуална помош е можно да се смета за праведна? Прашања од ваков вид се отворени и бараат одговор и кај нас во Македонија, особено по настаните во 2001. Читањето на Роулс во такви околности веројатно ќе го поттикне интересот за нови одговори на мноштво прашања произлезени од нашето еднодецениско животно искуство во услови на „слобода и демократија".

д-р Ѓорге Иванов

13 април 2016 - 10:26