„Возрасни во собата“: нов мемоар на Јанис Варуфакис

„Ако некогаш сте се сомневале што се случува во Европа, читајте го Варуфакис“, вели критиката за новата книга на некогашниот министер за финансии на Грција, која уште неизлезена (официјално се објавува утре, 4.5) е веќе бестселер на Амазон.

Годината е 2015. На состанок со Меѓународниот монетарен фонд тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас изјавува дека светскиот позајмувач (читај: лихвар) број 1 - ММФ - има кривична одговорност за грчката криза. Веднаш потоа, Кристин Лагард, управниот директор на оваа организација, искоментира: „Во моментов недостасува дијалог со возрасни во просторијата“. Токму оваа навредлива забелешка станува наслов на мемоарите на Варуфакис, екс-министерот за финансии на земја која мораше да ги трпи и сопствените криминалци, и оние арогантните од надвор.

Неговата нова книга на 560 страници раскажува за сето она што се случуваше помеѓу 2010 и денес, инсајдерската приказна за високата политика раскажана од (барем на почетокот) аутсајдер. Варуфакис почна надвор од елитната политика и грчката левица - навнатре го повлече вртлогот, но исто толку брзо колку што влезе во него толку напрасно од него и излезе, откако беше сменет од премиерот во јули 2015.

Како илустрација на оваа своја позиција тој наведува анегдота со Лари Самерс, поранешниот министер за финансии на САД и близок човек на Обама. Самерс го прашува Варуфакис дали сака да биде во или вон играта, објаснувајќи: „Аутсајдерите ѝ даваат предност на слободата да ја кажат својата верзија на вистината. Но цената на ова е што тие се игнорирани од инсајдерите, кои ги носат значајните одлуки“.

Неговата цел всушност била Варуфакис да го прифати фактот дека избраните политичари немаат речиси никаква моќ, а дека вистинските играчи се милијардерите и сопствениците на инвестициони фондови. Но Варуфакис не само што не го прифатил ова, туку истовремено се обидел да се бори против глупите фантазии на левичарите, дека систем изграден од страна на неолиберализмот може да направи компромис со нашата желба за социјална правда.

Според критиките Варуфакис со оваа книга прави најточен и најдетален опис на модерната моќ од која и да е друга книга напишана до сега на оваа тема, и тоа на многу јасен начин, ослободен од академско дрн дрн. Еве како на пример тој ја објаснува современата мрежа на моќ: некојси Арис добива заем од банката на Зорба; Зорба му го отпишува долгот но градежната компанија на Зорба добива тендер од министерството на Арис. Синот на Арис добива работа во ТВ каналот на Зорба, кој заради нешто секогаш е во банкрот и никогаш не може да плати данок...Делува познато, нели?

Иако можеби многумина очекуваат во книгата да најдат и самооправдување и жалење, и за истото да го критикуваат нејзиниот автор. Но тој пишува со тон на човек кому работите му се јасни, и кој не се откажува од тоа нив да им ги појасни и на другите. Овој мемоар е уште еден негов прилог кон ваквата мисија.

Види и: Кога Брајан Ино го сретна Варуфакис

Варуфакис: Разговори со ќерка ми за економија

3 мај 2017 - 09:48