српските историчари реагираат

„Величествениот" ги искривува историските факти

Серијата за Сулејман Величенствениот, десетиот султан на Отоманската империја, предизвика бранувања во српската јавност. Во прашање е епизодата во која се прикажува турската опсада на Белград летото 1521., во која султанот е прикажан како романтичен витез, кој не убил и не протерал ниту еден Србин.

Весникот „Политика" пренесува реакции на неколку српски историчари, кои велат дека иако сценаристот може да се правда со уметничката слобода која ја нуди жанрот, тој сепак не би смеел во толкава мера да ги искривува историските факти.

„Кога Турците го освоиле Белград, повеќе од 2,000 семејства биле протерани во околина на Цариград, каде работеле на одржување на водоводот, или се населени по селата во Тракија. Но, во оваа серија односот на турската војска кон српското население е прикажан премногу благонаклоно, што не одговара на историските податоци", вели проф. д-р Ема Миљковиќ, од Филозофскиот факултет во Ниш. Таа предупредува дека гледањето на ваквиот тип серии може да ги доведе во опасни заблуди оние кои немаат предзнаења од областа на историјата.

„Сценаристот ништо не го обврзува на точност. Серијата е работена на ниво на латино-американска сапуница, но овој пат сместена во мистичен, егзотичен, ласцивен султанов харем. Од неа не ни треба да се очекува квалитет кој важи за некоја издржана историска серија, какви снима на пример Би-би-си. Два-три коњи, една сабја, секојдневен муабет без длабоки пораки чиј основен заплет е љубовна афера, кавга или интрига, сосе дигитализиран Топкапи, Босфор, па дури и дигитализирано небо над Истанбул, се сосема доволни", вели пак Александар Фотиќ, од Филозофскиот факултет во Белград, кој додава дека огромниот број Срби не ни знаат дека во тоа време Белград цел век бил унгарски град, и дека Сулејман не го освоил од Србите туку од Унгарците. За таквите „Срби" изразите како „Турците се криви за сè'" и „пусто турско" ја почнува и ја завршува секоја „историска" дискусија.

Сите се согласуваат дека е прашање дали во Турција би била емитувана некоја слична историска, да речеме српска, или можеби (да ја имавме) македонска серија, и дали таа би наишла на исто толку масовен, и воедно мирољубив одзив. По конфликтот кој оваа серија го поттикна помеѓу секуларно настроените и религиозните Турци, сега се на ред и потенцијалните проблеми кои оваа серија ги отвара во земјите во кои се прикажува, а кои биле под Турско владеење. Засега, колку што ни е познато, македонските историчари немаат замерки.