„Уметноста на војувањето“ за првоодделенци

Додека нашите деца се подготвуваат за преживување во понекогаш суровите услови на школскиот двор со „Итар Пејо“ и „Малиот принц“, Јапонците имаат попрактично решение. Сун Цу за почетници.

Јапонскиот превод и адаптација на древната кинеска книга на стратегија, чиј наслов генерира лавина изданија во различни области („Уметноста на ова..“, „Уметноста на она...“) се препорачува за деца од шест години нагоре.

Уредникот на изданието, Такаши Саито, е професор на универзитетот Меиџи и експерт за образование, а истовремено и еден од омилените јапонски писатели. Книгата се појави во март и првично се продала во 20,000 примероци.

Сун Цу, Сун Ву или Сунѕи, бил древен кинески воен стратег и филозоф.Нему му се припишува авторството на „Уметноста на војувањето“, текст составен од 13 поглавја, секое од нив посветено на еден аспект на војување. Во неа низ историјата инспирација наоѓале лидери како Мао, генералот Даглас МекАртур и воените генерали на царска Јапонија. Тие се раководеле од четирите клучни зборови кои според Сун Цу водат до победа - Ветар, Шума, Оган, Планина („Брз како ветер, тивок како шума, суров како оган и неподвижен како планина“).

По таа линија на нејзина популарност во Јапонија, книгата сега е прилагодена за деца, за да им помогне во напорното учење и мислењето пред нешто да се направи. Поделена е на четири дела: победување, остварување на соништата, излегување на крај со непријателствата, правење чекор напред. Рачно е илустрирана, и освен делот кој им ги објаснува работите на децата е вклучен и јапонски превод на оригиналниот текст.

Голем број изреки од книгата се веќе влезени во секојдневниот говор на Јапонците, па децата може и да ги препознаат. Така, „100 битки и 100 победи“ е изрека која во Јапонија се користи за да се опише совршениот борец. Иако таа во оригиналот има и продолжение: „Подобро отколку да се победи 100 пати во 100 битки, е да се победи без воопшто да се војува“. Некои од останатите изреки се: „Постои нешто што се вика оправдано бегство. Ако не можеш да победиш, привремено избегај“. „Не го туркај непријателот кон ѕидот или премногу далеку. Дури и во победата мора да има добри манири“ или „Секоја битка носи опасност. Помисли на тоа што можеш да добиеш и ако не си подготвен да ризикуваш, не влегувај во опасност“.

Овие изреки се придружени со објаснување за децата:

„Кога некое другарче ќе ти направи нешто лошо, дали треба да ѝ се предадеш на лутината и да се тепаш? Ако го сториш тоа на крај може да се повредиш и да повредиш други. Другарите што ќе те гледаат може ќе помислат дека си сељак. Спореди ја опасноста од битката со вредноста на тоа за што се бориш и потоа одлучи што ќе правиш“.

Македонската верзија може ќе треба да се прилагоди на традиционалните вештини на справување со конфликт. Мешап со Итар Пејо оттаму може и не е така лоша идеја.

 

6 септември 2016 - 09:00