Уметноста на лежењето

Секогаш кога имате шанса да се излежувате, по некое време мислите дека има нешто попаметно што можете да го правите, и се чувствувате речиси виновно што сте си го дозволиле тој луксуз? Следниот пат ако и кога ќе ви дојде таква мисла сетете се дека лежењето не е пасивен чин, туку високо софистицирана уметничка форма.

Ги знаете оние прикази на античките гозби (всушност - симпозиуми), на кои најголемите древни умови лежат на „кауч“ направен од дрво или камен, покриен само со тенка ткаенина, грицкаат грозје и пијат вино, разменувајќи филозофски размисли за смислата на животот. Не е сигурно колку овие постели биле навистина удобни, но токму на нив лежењето почнало да се третира како аристократско-мислителска поза.

Ориенталните наследници на овие каучи имале повеќе смисла за комфор. „Диван“ е збор со различни значења, но сите имаат врска со одмарање во хоризонтална или полулежечка положба. Турскиот се состои од тепих на земјата или перничиња поставени на ѕидот на кои човек може да се потпре. Во француските будоари диван значи тапацирана клупа, барокно декорирана со ц’цки-б’цки, поставена среде соба. Во 19-вековна Европа биле особено популарни тн. „каучи за онесвестување“, наменети за жените, кои глумеле или навистина имале проблеми со вртоглавици, заради стегнатите корсети или просто од каприц. Како и да е, диваните за западното око секогаш биле асоцијации на декадентност и хедонизам, нешто поврзано со еротика, опиум и генерална опуштеност (или целосно отсуство) на умот.

И навистина, додека лежиме гледаме кон таванот или кон небото, освен ако не се трудиме да не заспиеме, немаме некоја друга цел. Тоа е хоризонтална варијанта на меланхоличниот талкач, кој мора пеш да изодува голема километража за да ја докаже својата бесцелност, додека ние можеме тоа да го правиме просто лежејќи.

Сепак, историски, лежењето во кревет, за разлика од талкањето, нема таква интелектуална и уметничка аура. Тоа е сметано за оправдано само ако човек е болен, во спротивно или се работело за мрзливец или за хипохондрик. Имало автори кои го бранеле демократското право на прилегнувањето како знак на слобода и флексибилност. Џилберт Кит Честертон, писател, оратор и филозоф, во неговата „Лежење во кревет“ (1909) напишал дека секој човек треба да си дозволи од време на време да прилегне „понекогаш во градината, понекогаш во кревет, понекогаш на покрив, понекогаш на врв на дрво“. Ваквите мигови на уживање според него требало да бидат ретки, но без оправдување на нивната бесцелност.

Географски и културолошки далечен, кинескиот автор Лин Јутанг се согласувал со ова. Во 1937 напишал дека „нашите сетила се најизострени во моментот на лежење“ и дека е оттаму најдобро во таквата положба да се слуша музика. Со менувањето на телесната позиција се менува и целиот поглед на работите - она што било проблем веќе не е, важни прашања се разрешуваат погледнати од хоризонтала, итните ситуации веќе не изгледаат толку итни.

Во современоста уметноста на одмарањето е под закана. Речиси и да нема вертикална или хоризонтална позиција која е заштитена од вознемирувањата на надворешниот свет. Мобилните нè придружуваат и во кревет, компјутерите ни стојат во спалните. Простото лежење е доказ за флегматичност во свет кој брзо се менува. На сличен начин му се пристапува дури и на спиењето, кое не е задоволство туку проста нужност, процедура која мора да се мине макар и во скратена форма за човек да биде продуктивен следниот ден.

„Ќе има доволно спиење во гробот“, мудро рекол Бенџамин Франклин, будниот полимат и еден од основачите на САД. Но ако ни се одземе и сонувањето, и сонувањето на јаве, дали тогаш ќе мора да чекаме да си полежиме дури откако ќе престариме, или на смртната постела?

5 јануари 2017 - 11:40