Хрватска комедија на заблуди?

Уелбек откажан, па вратен на програмата на Дубровничките летни игри

Дека содржината на едно дело е во втор план пред вонкнижевните случувања поврзани со неговиот автор, особено ако некој има интерес од таквото толкување, покажаа неодамнешните случувања во Хрватска. Причина е една елементарна честичка која недостасува - знаењето.

Претставата правена според „Елементарни честички" на Уелбек во режија на Ивица Буљан требаше премиерно да биде изведена на овогодишните, 66-ти по ред Дубровнички летни игри. Но дубровничко-неретванската жупанија, загрижена од можните реакции од анти-исламистичките ставови на авторот, чиј најнов роман „Потчинување" беше објавен истиот ден кога се случи нападот на Шарли Ебдо (за што пишувавме тука), побара безбедносна проценка од соодветните служби.

Полицијата, во доверлив извештај, излегла со став дека одржувањето би претставувало ризик, и иако не го употребила зборот „тероризам", истакнала загриженост за можни терористички напади за време на одржување на претставата. Министерот за внатрешни работи на Хрватска, Ранко Остојиќ, изјави дека ќе преземе посебни безбедносни постапки око раководството на фестивалот сепак се одлучи да ја изведе. И некои од спонзорите на претставата, и покрај тоа што не го прочитале текстот кој нема никаква директна врска со исламот туку е во основа љубовна приказна, рекле дека не сакаат финансиски да поддржуваат дело „кое го навредува исламот", заканувајќи се со повлекување на средствата. Режисерот Буљан повлекувањето би значело капитулација на слободата на говорот и автоцензура, а пак министерот за култура дека ќе поддржи секаква иницијатива која ќе доведе до тоа „Елементарни честички" сепак да се изведе.

На крај, по неколкучасовна седница, Министерството се огласи со соопштение дека претставата сепак ќе остане на првичната програма на фестивалот, дека градот Дубровник ќе ја пополни финансиската дупка предизвикана од повлекувањето на жупанијата, и дека таа ќе се одигра на 17 јули во Купари. Организаторите пак се надеваат дека и покрај засиленото полициско обезбедување, претставата сепак ќе личи на достоинствен театарски чин.

Најинтересни се коментарите на Мани Готовац, некогашна новинарка и од неодамна директорка на програмата на Дубровничките летни игри, која целата афера ја толкуваше како доказ дека токму знаењето е елементарната честичка која недостасува, односно дека политичарите место да го прочитаат романот од 376 страници, или барем драмскиот текст од 45 страници, заради кој знае какви и чии интереси почнале да ги акцентираат вонкнижевните елменти во изјавите на Уелбек.

„Уметничкото дело се распадна како сапуница. Сите објавуваат дека Хрватска забранува писател, за тоа пишуваат Ројтерс, Ле Фигаро, Гардијан, Њујорк Тајмс. Тука, на тоа место, повеќето од нашите сограѓани сфаќаат дека се случила комедија на заблуди, и тоа заради незнаење. И дека се случила забрана на писател, како во среден век", изјави Готовац.

30 мај 2015 - 09:27