Ново во Хрватска

Учам за писател

Националниот совет за наука ја прифати иницијативата на хрватските друштва на писатели, во рамките на националната академска заедница да се воведе ново звање - дипломиран писател, како и степени за напредување во таа академско-писателска кариера.

Сега е на ред утврдувањето на критерумите според кои книжевните уметници ќе можат да напредуваат во звањата, исто како и сликарите, музичарите и другите уметници. Додипломска студиска програма засега планира Универзитетот во Пула, чиј елаборат за студии по „писателство" е во завршна фаза.

Секако и до сега постоеле студии по книжевност, но акцентот наместо на теоријата на овие нови студии ќе биде ставен на техниките на пишување, на писателските и издавачки пракси. За генерацијата која на есен ќе се запише во прва година, тоа ќе значи дека пишувањето „убава литература" веќе нема да биде третирано како хоби, туку како професија, за која се учи факултет.

Ова ни звучи крајно сомнително - која ли тоа школа за пишување ја завршија големите автори на кои истите тие студенти сакаат да се угледаат, и која ли е таа диплома која од нив ќе направи добри писатели? Од друга страна, Хрватите се во право дека студиите по книжевност не се и студии по убаво пишување, и дека ако музицирањето, актерството и сликањето можат да се научат, тогаш човек може да се научи и да пишува книги. Ајде нека дипломира првата генерација, па да видиме. Aко како предавачи им дојдат доцент Томиќ, вонреден професор Дежуловиќ или д-р Рудан, тогаш ако ништо друго сигурно ќе се забавуваат. 

26 јули 2012 - 08:50