Трибјут за Оскар Вајлд во затворот во кој минал две години

Затворот Рединг, откако е затворен од Министерството за правда во 2013, прв пат ги отвoра вратите за посетители. Овој пат за уметници и за публика, а во чест на еден негов некогашен жител. 

Оскар Вајлд бил осуден на скоро две години (поточно 18 месеци) затвор со тешка работа заради „непристојно однесување“, откако била обелоденета неговата врска со лорд Алфред Даглас. По излегувањето ја напишал „Баладата за затворот Рединг“, инспирирана од неговото време поминато таму, која ја отсликува сета бруталност на викторијанскиот затворски систем.

Лондонската уметничка организација Артангел од минатиот викенд почна да организира настани во затворот во чест на Оскар Вајлд, на кои настапуваат познати музичари, актери и мултимедијални уметници. Секој ден недела до 30 октомври, во затворската капела, каде Вајлд поминувал голем дел од времето, ќе се одржуваат читања на „Де Профундис“, писмото од сто страници кое од таму Вајлд му го има испратено на неговиот сакан. Секое читање трае отприлика по 4,5 часа.

Истовремено, свои инсталации во ќелиите ќе постават Стив МекКвин и Аи Веивеи, како и Нан Голдин, американска фотографка најпозната по ЛГБТ темите кои ги обработува. Нејзина видео инсталација во склоп на затворскиот проект е интервју со 91-годишен маж кој се уште води кампања преку која бара владата да му се извини за тоа што го осудила заради хомосексуалност пред 70 години. Во друга ќелија пак ќе се прикажува видео од раната нема филмска верзија на драмата на Вајлд, „Саломе“.

„Во големиот затвор јас бев само број и буква на мала ќелија во долгиот ходник. Еден од илјадниците безживотни броеви, на илјадниците безживотни животи“, напишал Оскар Вајлд во „Де Профундис“. Oткако бил ослободен во 1897, тој веднаш заминал за Франција, и никогаш повеќе не се вратил ниту во Британија, ниту во родната Ирска.

6 септември 2016 - 16:52