Пред промоцијата на „Рута Таненбаум“ на Јерговиќ

Трагичната приказна за Леа Дајч - хрватското „чудо од дете“

Во вторник 30.5 со почеток во 17 часот во Менада ќе се оддржи промоција на македонскиот превод на романот на Миљенко Јерговиќ, „Рута Таненбаум“. Иако не се работи за биографија, книгата е инспирирана од приказната за девојче кое го нарекувале „чудо од дете“, а чиј живот завршил трагично на само 16 години. Која била Леа Дајч?

Загреб, време пред почетокот на Втората светска војна. Мони и Ивка Таненбаум, загрепски Евреи, живеат на Гундулиќева 11. Спрат подолу живее семејството Морињ, кои го имаат загубено синот-единец, па се приврзуваат кон малата ќерка на нивните комшии, Рута. Кога се објавува аудиција за детска улога во Хрватскиот народен театар, Амалија Морињ ја убедува Рута да се пријави. Така, петгодишното девојче со длабоки црни очи станува ѕвезда. Но тоа не ја спасува неа и нејзиното семејство од истата трагична судбина која ги снаоѓа и останатите Евреи во Хрватска за време на холокаустот.

Ова е накратко содржината на книгата на Јерговиќ, „Рута Таненбаум“, во чиј поговор тој јасно се оградува од каква и да е документарна вредност на делото, кое е само делумно инспирирано од прерано згаснатиот живот на девојчето кое го нарекуваат „хрватската Ана Франк“. Нејзиното име е Леа Дајч, а нејзиното семејство живеело на истата таа Гундулиќева, но на бројот 39. Исто како и Рута, и Леа почнала со актерство на петгодишна возраст, играјќи мали улоги во професионани продукции на Молиер и Шекспир. Заради исклучителниот талент ја споредувале со американското чудо од дете - Ширли Темпл. Дури и славната продукциска куќа Патè од Париз слушнала за неа, и дошла во Загреб да сними документарец за нејзиниот живот.

Но во 1941 атмосферата се менува. Хрватската држава почнала да ги применува расните закони, и на Леа ѝ било забрането веќе да глуми, а била исфрлена и од училиштето каде дотогаш учела. Нејзини соученици подоцна сведочеле дека знаела со часови да седи на клупа спроти театарот, во старо капутче со Давидова ѕвезда околу раката, и да се џари во зградата каде некогаш била ѕвезда, а каде сега веќе не можела ни да влезе.

Кога почнал масовниот прогон на Евреите, во 1943, нејзини дотогашни колеги се обиделе да му помогнат на семејството. Било организирано бегство во Карловац, каде требало да се преземат од страна на партизаните, но тоа морало да се врати во Загреб затоа што средбата не успеала. Нивен кираџија дури се понудил да се ожени со Леа за да ја спаси од смрт, но мајка ѝ наводно одбила, затоа што Рута била малолетна.

Во мај 1943 таа, мајката и братот се депортирани во Аушвиц. Од 75 затвореници во текот на шестдневното патување во сточен вагон, без храна и вода, 25 не преживеале. Леа била меѓу нив - срцето, кое и било ослабено заради дифтерија уште во детството попуштило. Мајка ѝ и брат ѝ биле убиени во Аушвиц. Таткото Стјепан успеал да се спаси, и го преживеал холокаустот. Починал во 1959, а на неговата спомен плоча стои фотографија од Леа.

За Леа Дајч во Хрватска и денес не се знае многу. Јерговиќ во спомнатиот поговор суптилно алудира на тишината која го опкружува нејзиниот лик, и на фактот дека во Загреб ништо не го носи нејзиното име. Но самиот роман не само што не е суптилна, туку е мрачна и горчлива критика на малограѓанштината, лицемерието и кукавичлукот на голем дел од хрватското општество, кое при очи останало слепо за злосторствата кои се случуваат не околу, туку токму во него. Сите алузии на подоцнежни и можеби сегашни злосторства се, веруваме, намерни.

Одличниот (и на места сигурно тежок) превод на „Рута Таненбаум“ на Ѓоко Здравески ќе биде промовиран во вторник, 30.05 во Менада, во присуство на авторот.

ФБ настан тука

Претходно: Букбокс интервју со Јерговиќ спроти неговото доаѓање во Скопје

27 мај 2017 - 11:11