Персиската уметност на доброто однесување

„Таруф“: зборот со којшто се одбива она што се сака

Оние неупатени во персиската култура несакајќи можат да се избрукаат кај нивните домаќини. На пример ако веднаш го прифатат понудениот пијалок, или ако инсистираат сами да си ја платат сметката.

„Таруф“ не е само збор, туку еден од оние концепти низ кои се пресликува светогледот на цела култура. Во светот на ta'arof, персиската мерка за почит, луѓето одбиваат храна кога се гладни, не сакаат да примат пари кога нешто продаваат, и заглавуваат на врата нудејќи му на другиот да помине прв.

Она што на прв (западен) поглед изгледа како просто губење време и „глумење лудило“, за Иранците е церемонија која ги одредува социјалните улоги, хиерархијата и почитта - таа е суптилен вербален (а понекогаш и невербален) танц, во кој сите прават смерни движења, внимавајќи да не се истакнат или да не избрзаат со некаква реакција. Вистинското значење на она што се комуницира притоа не е во постапките за кои сите знаат дека се протоколарни, туку во вредностите кои тие ги промовираат, како понизноста и трпението.

Туристите во Иран често се фаќаат во чудо кога на пример таксист ќе одбие да им земе пари, иако претходно остро преговарал околу цената, кога на пазар некој вели „слободно, земи си лубеница“ или продавач на скапоцен накит, прашан за цената на некое ланче, вели „толку е евтино што не ти прилега“. „Таруфирањето“ подразбира дека нешто треба да се праша или понуди повеќе пати, и исто толку пати да се одбие, пред точно да се покаже што се сака. А продавачот секако дека ги сака парите, но ќе ги земе дури откако ќе покаже почит кон муштеријата, кажувајќи му дека (божемски) - не ги сака.

Секако, можни се и манипулации со љубезното (па макар и ритуално) однесување на другиот. Но на ваквата злоупотреба во иранското општество се гледа со презир. Поентата во средина во која социјалната припадност на поединецот значи и негова доминација, е ваквиот јаз да се надмине со „глумење“ еднаквост. Но кога ваквото однесување е секојдневно и вградено во културниот код, тоа станува и општо правило на љубезност, според кое веќе и не е важно што е „глума“, а што вистина.

Таруфот главно важи за односи помеѓу луѓе што не се познаваат или сакаат да задржат горе-долу формален однос. Од поблиските може и да се побара да престанат да „таруфираат“. Тие пак, според таруф, можат да одбијат. И така работата повторно да трае до недоглед, без оглед дали се работи за нуклеарни преговори или за чашка чај.

Бонус: Натегањето кој ќе влезе прв  низ врата на израелско-палестинските мировни преговори во Кемп Дејвид (Арафат го „таруфира“ Ехуд Барак, при крај на видеото)

14 ноември 2016 - 09:06