Girl power!

Тајните новинарки од 19 век

Многу пред „гонзо“ новинарството на Хантер С. Томпсон, бројни жени влегувале во опасни ситуации за да разоткријат скандали во јавниот живот. Нивните вистински имиња се главно непознати, но нивните написи се важно наследство во борбата за правата на жените и за социјална правда.

Во ноември 1888 црнокоса млада жена оди на преглед кај познат доктор во Чикаго. Тој има јака репутација во градот - работи како хирург за полицијата и предава на медицинскиот факултет. Во неговата ординација жената, која е дојдена со човек кој ѝ е наводно брат, му вели дека е на мака. Она што таа го бара од докторот не само што е незаконски, туку е и опасно доколку се изведе во вонболнички услови. Тој прифаќа за 75 долари да го изврши абортусот. Од докторот се бара дискреција. Но всушност најдискретна е таа - нејзината тајна е криена стотина години.

Оваа млада жена била тн. „новинарка под прикритие“, една од многуте во 1880-тите и 1890-тите кои во тоа време на овој начин ги разоткривале институционалните маани и нивните матни дејанија: детски труд, бескрупулозни доктори, перење пари, сите видови измами. Сториите се пишувани во прво лице еднина, покривале подолг период на истражување и излегувале во делови како фељтони. Хероините во овие текстови (нивни авторки, но истовремено и директни учеснички) нуделе визија за жените и нивните (и не само нивните) проблеми кои не биле претходно објавувани во медиумите. Како во опишаниот случај кога разоткривајќи ги опасните начини на кои тие биле приморани да ја прекинат несаканата бременост, всушност укажувале на потребата од легализација на абортусот.

Силен импулс за жените да се занимаваат со ваков тип новинарство бил случајот со американската новинарка Нели Блај од 1887, кога таа намерно направила да ја затворат во озлогласен азил за ментално болни, со што станала првата „новинарка под прикритие“ (за нејзините авантури и патувањето низ светот пишувавме тука). Тоа на голем број девојки им изгледало толку кул што почнал цел бран вакви „местенки“ - извесна Ева Геј за „Сент Пол Дејли Глоуб“ тајно влегла во индустриска перална за да ги интервјуира жените кои се разболувале од влагата. Нора Маркс за „Чикаго Трибјун“ известила дека деца и под 10 години се држени во локалниот затвор, некои и по повеќе од еден месец.

Нивното известување имало големо влијание врз промената на условите, на пример зголемување на фондовите за лечење на ментално болните, или како инспирација за синдикатите кои повикувале на закони за заштита на работниците. Биле толку популарни што иако до 1880 новинарка не можела да пишува за ништо друго освен за „страницата за жени“, во 1900 веќе имало повеќе текстови потпишани (или направени) од жени отколку такви чии автори биле мажи.

Имињата под текстовите додуша биле главно лажни, па денес не знаеме кому точно да му заблагодариме. Дури и „Нели Блај“ било псевдоним, за Елизабет Кохран. Голем број бистри жени си го криеле идентитетот, и тоа не под едно, туку под повеќе лажни имиња. Нивните текстови балансирале на границите на ангажираното и аналитичко новинарство, етнографијата и книжевноста. Многу пред манифестот за „Новото новинарство“ на Том Вулф од 1973 (за што детално пишувавме тука), овие жени се занимавале со опасна професија - не кротење лавови или ракување со тешка механизација, туку со предизвикување на институциите. И тие сигурно би биле горди и на денешните жени кои го прават истото.

20 октомври 2016 - 09:06