Тајната состојка на Џек Даниелс: робовски труд

На 150 годишнината од формирањето на денес славниот бренд Џек Даниелс, компанијата сама почнува да ја промовира приказната според која вистинскиот рецепт за вискито всушност бил на еден роб. Што им текна токму сега?

Во Линчбург, Тенеси, секоја година околу 275,000 луѓе го посетуваат погонот на Џек Даниелс, слушајќи го водичот како ја раскажува следнава приказна: во 1850-тите, кога Даниел бил момче, тој почнал да работи за свештеник, пиљар и сопственик на дестилерија по име Ден Кол. Свештеникот бил зафатен човек, и кога видел потенцијал во Џек го научил како да прави виски за да го одмени. Останатото е историја.

Оваа година се навршуваат 150 години од создавањето на Џек Даниелс, што е повод да се раскаже една покомплицирана приказна. Самата компанија сега вели дека Даниел не го научил занаетот на десетилирање од свештеникот, туку од човек по име Нирис Грин, еден од робовите на Кол.

Оваа верзија всушност и никогаш не била тајна, но дури сега таа станува официјална нарација на производителот на славното виски. И не само кога станува збор за овој бренд, и поопшто историјата на американското виски со години е претставувана како белечка работа, со која се занимавале германските и шкотско-ирските доселеници, кои вишокот житарици го претворале во виски, продавајќи го на далечни пазари. На тој начин е создадена индустрија која денес тежи 2,9 милијарди долари.

Изоставени од таа приказна до скоро беа луѓето како Нирис Грин. Но ропството и вискито биле неразделни во јужњачката историја. Робовите не само што го сочинувале мнозинството работници при производството на виски, туку често пати вршеле и клучни работи поврзани со процесот. На истиот начин на кој белите често си присвојувале рецепти од црните готвачи по домовите на богатите, така и сопствениците на дестилариите си го присвојувале кредитот за вискито.

Според Питер Крас, авторот на „Крв и виски: животот и времињата на Џек Даниел", фактот што оваа приказна се актуелизира е можеби и маркетиншки потег, за да бидат „чисти“ пред милениумската генерација, на која им се важни ваквите социјални прашања поврзани со храната и пијалоците.

Ропството завршило во 1865, а Даниел ја отворил неговата дестилерија следната година, вработувајќи двајца од синовите на Грин. На фотографијата горе од доцниот 19 век, црнец, веројатно еден од синовите, седи веднаш до својот работодавец, што било необично за тоа време - на фотографии од други вакви погони црните вработени морале да стојат во задните редови. А сепак и помеѓу нив имало луѓе кои се разбирале од занаетот, како што покажува една потерница по пребегнат роб од 1805, во која се нуди награда за роб по име Џорџ, опишан како „добар дестилатор".

Американските робови ваквата традиција на производство на алкохол ја носат од Африка, каде произведувале пиво од пченка и овошни алкохоли. Ова знаење се пренесувало усно, од генерација на генерација, па затоа и доказите за ова често се наоѓаат вон архивите.

28 јуни 2016 - 17:59