Студентот кој уште во 1921 година ја сфатил опасноста од Хитлер

Млад Ирец присуствува на говор на Хитлер многу години пред овој да стане фирер. „Лудак, со одлични говорнички вештини“, била неговата дијагноза. Но уште тогаш го фатило шубе од ваквата комбинација. 

Даниел Бинчи, кој подоцна, помеѓу 1929 и 1932, бил ирски амбасадор во Берлин, бил присутен во познатата пивница Бургенбраукелер во Минхен, кога во ноември 1921 Хитлер таму им се обратил на членовите на неговата партија, која во тој момент изгледала маргинална и безопасна. Во неговиот дневник од патувањето тој го опишува идниот фирер како човек со „внимателно средени четкасти мустаќи", кој оддавал впечаток на „незначајност".

Но кога Хитлер станал да зборува, тогаш се случила неверојатна трансформација.

„Тој беше роден, природен оратор. Почна бавно, колебливо, мачејќи се со конструкцијата на неговите реченици, поправајќи си го изговорот на дијалект. Но одеднаш како да се запали. Неговиот глас одекнуваше победнички, очите му сјаеа од убеденост, целото негово тело стана инструмент на сирова елоквенција. Како што му се зголемуваше егзалтацијата, гласот почна да му личи на крик, а гестикулацијата да му личи на пантомима. На краевите од неговите усни забележав траги од пена."

По завршувањето на говорот, кога Хитлер преморен седнал на неговата столица, во салата следел излив на хистеричен ентузијазам. Сепак коментарот на Бинчи бил - „Ова е безопасен лудак со талент за говорништво". На тоа неговиот пријател одговорил со пророчкото: „Ниту еден лудак со дарба за говорништво не е безопасен".

Бинчи имал и втора средба со Хитлер во Берлин во 1930, кога нацистите веќе биле во подем.

„Во неговиот говор не видов никаква промена. Тоа беше речиси истиот којшто го слушнав во Бургербраукелер. Но опскурниот молер сега беше лидер на втората најголема партија во Германија"

Податоците се содржани во новата биографија „Животите на Даниел Бинчи: ирски научник, дипломат и јавен интелектуалец" на Том Гарвин.  

Извор: Гардијан

6 мај 2016 - 22:56