Строгите животни правила на Толстој: посетувај бордел само два пати месечно

Кога имал 18 Толстој веќе знаел дека има потенцијал да стане „исклучителна личност“ и голем писател. Но бил свесен дека тоа подразбира одреден режим на живот и големи жртви. Си зацртал правила, кои со текот на годините станувале построги. Некои од нив очигледно ги следел, за други му одело потешко. Па и писателите се само луѓе...

Младиот Толстој сигурно имал маани, но скромноста не била меѓу нив. Во 1853, кога имал 25 години, напишал: „Морам да се навикнам на идејата, еднаш за секогаш, дека сум исклучително човечко суштество. Не сум сретнал човек кој е толку морално добар колку јас, или подготвен да жртвува сè за неговиот идеал колку што сум јас".

Седум години пред оваа изјава, тој веќе си предвидел доблесен живот исполнет со труд. На 18-годишна возраст почнал да води „Дневник на активности", во кој си зацртувал колку часа ќе посвети на учење, одмор и оброци. Некогаш се држел до режимот, но понекогаш не правел ништо, само спиел или го читал Гогољ. Во текот на овој процес тој скицирал правила кои би му помогнале да ја развие моќта на неговата волја. Еве некои од нив, кои можеби ќе ни/ви се најдат:

- Станувај во пет.
- Не легнувај подоцна од десет навечер.
- Во текот на денот се дозволени два часа дремка
- Јади умерено
- Одбегнувај слатка храна
- Пешачи барем еден час дневно
- Исполни сè што ќе си зацрташ
- Посетувај бордел само два пати месечно
- Љуби ги оние на кои можеш да им помогнеш
- Отфрли го сето јавно мислење коешто не е базирано на разум
- Прави само една работа во моментот
- Не дозволувај да ти лета умот, освен ако тоа е неопходно

Подоцна биле додадени и некои многу построги:

- Никогаш не покажувај чувства
- Престани да се секираш за тоа што мислат луѓето за тебе
- Држи се понастрана од жени
- Потиснувај ги страстите со тешка физичка работа
- Помагај им на оние кои имаат помалку среќа

Толстој очигледно се држел до некои од овие правила - огромното книжевно наследство коешто го оставил е резултат на овој строг режим. Но со некои работи изгледа му одело потешко, бидејќи освен книги зад себе оставил и 14 деца. Сепак, тој знаел дека на читателите им е поважно не како живее нивниот омилен писател, туку како пишува. Затоа тој на правилата за живот им додал и Правила за пишување:

- Кога го критикуваш своето дело, секогаш стави се во позиција на најограничениот читател, кој во твојата книга бара само забава
- Најинтересните книги се оние во кои авторот се преправа дека го крие своето мислење, а сепак му останува верен
- Кога препрочитуваш и ревидираш, не мисли на тоа што треба да се додаде, туку колку може да се одземе без да се наруши генералното значење

Последново тешко се вклопува во обемот на една „Војна и мир" и желбата за потиснување на фантазијата. Од друга страна никој, па ни Толстој, не е совршен.

31 март 2015 - 09:02