Живот на висока нога

Ајфел имал тајно станче во кулата

Кога во 1889 Ајфеловата кула се отворила за восхитената јавност, нејзиниот архитект ги собрал сите ловорики. Но она што таа јавност не го знаела било дека тој си направил мал таен стан на врвот на светското чудо.

Лоциран на третото ниво на кулата, приватниот апартман на Ајфел не бил голем, но бил удобен, и за разлика од челично-индустрискиот дизајн на остатокот од кулата бил „уреден во едноставен стил кој им е драг на научниците". Ѕидовите биле покриени со тапет во топли бои, а мебелот вклучувал дрвени орманчиња, па дури и големо пијано, што комбинирано со висината од 300 метри давало баш фина атмосфера. Веднаш до станот имало лабораторија со експериментална опрема од тоа време.

Кога еднаш протекла информацијата за тоа дека Ајфел се сместил во висините каде париската елита не можела да припари, таа позеленела од завист. Почнале да фрчат астрономски понуди за купување, па дури и изнајмување на просторот за една вечер. Тoј ги одбил сите, и го користел просторот за, како што велел, тивка размисла, или за да прими на гости важни личности како Томас Едисон, кој на Ајфел му подарил примерок од неговиот изум, ганц нова фонографска машина.

Денес посетителите на Ајфеловата кула можат да ѕирнат во станот во кој повеќето од предметите се од оригиналниот ентериер. Ние имаме само едно прашање - кога Французите ќе се освестат па ќе ѝ удрат една барокна фасада на оваа челична грдосија?

(на сликата: кукли кои ги претставуваат Ајфел и Едисон во денешната музејска поставка)

22 април 2015 - 17:20