По 2,500 години

Сократ повторно во судница

Замислете наместо судењето на Шешељ или на Готовина, на интернет да можете во живо да го следите судењето на - Сократ. Настанот кој се случил пролетта 399. пред наша ера ќе биде рекреиран со помош на современата технологија, и можеби ќе резултира со нова пресуда: дали овој пат Сократ ќе преживее?

На иницијатива на Фондацијата Оназис, на 25. мај во културниот центар во Атина ќе се одржи симулација на судењето на познатиот атински филозоф, кој иако велеше дека знае оти ништо не знае, настрада од тогашните власти, кои го обвинија за расипување на грчката младина и непочитување на градските божества. „Сократ е извршител на зла, ја корумпира младината, и не ги признава државните богови, а верува во нови, сопствени божества", гласело официјалното обвинување.

Во судењето на Сократ тогаш учествувале 500 граѓани на Атина, од кои 280 гласале дека е виновен. Иако можел да избега од затворот со помош на неговите ученици, како што опишува Платон во „Федар", тој прибрано ја дочекал пресудата и го испил отровот. Последните зборови му биле „Му должиме петел на Асклепиј" - богот на здравјето, со што веројатно сакал да каже дека смртта, иако му го уништила телото, му го „оздравела" духот.

Современото судење на Сократ ќе биде прилагодено на модерните стандарди на јавен говор и сфаќање на правичноста. Поканети се познати европски и американски правници (поранешниот претседател на Швајцарскиот федерален врховен суд, членови на Француската академија на етички и политички науки, професори по право и судии), кои ќе ги преиспитаат социјалните и правните прашања кои стојат во основата на обвинувањата против Сократ. Сепак, конечната пресуда ќе зависи од јавноста, која ќе може да ја следи процедурата и на лице место, и онлајн.

Слично, виртуелно судење на Сократ беше организирано во мај минатата година во Њујоршкиот федерален суд, и заврши со пресуда 'не е виновен'. Со оглед на најновите случувања во Грција и сите асоцијации кои би можеле да го поврзат Сократа со новото време - на пример непочитувањето на современите (финансиски/политички) богови, за коешто можат да бидат обвинети некои од клучните фигури на грчката економија и политика, ќе биде интересно да се види како јавноста ќе реагира овој пат.

Настанот ќе може да се следи тука. Немојте да кажете дека не сте знаеле дека сте знаеле.

14 мај 2012 - 23:33