Букбокс гледаше

Соба (2015)

Ко за почеток два совета:

1. Ако сте родител (посебно мајка) обавезно гледајте го филмов.

2. Ако сте родител (посебно мајка) никако не го гледајте филмов*

* или барем спремете марамчиња 

Џек и мајка му живеат во сопче три метра на три, одделено од надворешниот свет со врата чија шифра ја знае само Стариот Ник. Тој е киднаперот на „Ма", која тука е затворена вкупно седум години, од кои пет со Џек, кому Ник му е татко. Заточеништвото трае до моментот кога мајката и синот го надмудруваат нивниот чувар и излегуваат надвор од „Соба", просторот кој за Џејк дотогаш беше единствениот можен, најдобар од сите светови.

Првичната асоцијација е реалната судбина на Феликс, детето кое исто толку години поминало затворен во подрум со мајка му Елизабет, грабнатата од Австриецот Јозеф Фрицл. Но авторката на романот по којшто е правен филмот (за него номинирана за Букер), Ема Донохју, има изјавено дека тој случај ѝ бил само инспирација, но дека пораката на приказната е многу поширока. Истовремено авторите на филмот (номиниран за Оскар) ја одбиваат неговата жанровска класификација како хорор или трилер/акција.

И со право. Кинематографски прекрасно доловена, поентата е во нешто друго - во начините на кои можеме, а понекогаш за да преживееме и мораме, да ги надминеме тесните граници на нашето опкружување, изборувајќи се на тој начин за нашата внатрешна слобода. Децата таквата слобода некако природно ја имаат. Затоа на мајката не ѝ било тешко, од моментот кога детето почнало да поставува прашања за средината околу него, да развие детална „космологија" - објаснувања за ситуацијата во којашто се наоѓаат, за она што се гледа од стаклениот плафон на собата којашто всушност е куќичка за градинарски алат (а се гледа Вселената, после која доаѓа Рајот), за работите кои се прикажуваат на малиот телевизор, кои се ТВ стварни, но не и стварно-стварни како што се овенатото цвеќе или столчето во Собата. Детето ниту изгледа несреќно ниту клаустрофобично во тој конструиран свет, во којшто единствена важна му е мајката и нивните заеднички игри.

Но моментот кога илузијата на детството ќе биде тешко да се одржува наближува, и мајката презема ризичен чекор којшто може да биде спасоносен, но и погубен за двајцата. Како во бајките во кои подвигот на момчето значи и негово еманципирање и стапување во светот на возрасните, така и храбриот чин на детето (кое по инструкции на мајката се преправа дека е мртво, за во моментот кога Олд Ник го носи да го закопа скока од камионот и бара помош) го иницира во Светот, оној во којшто тој никогаш претходно не стапнал.

А тој - Светот - е огромен и тешко совладлив спореден со јасно омеѓениот и пријателски простор на Собата.

„Има толку многу 'место' во светот. Има помалку време затоа што времето мора да биде размачкано екстра тенко над сите места, како путер. Па луѓето ти викаат Побрзо! Заврши со тоа веќе еднаш!"

Свежиот поглед на детето врз тој свет прави и вие да го погледнете со исти очи, и потресено да сфатите - колку е тој всушност истовремено и страшен, и чудесен и убав:

„Во Светот сум 37 часа. Видов палачинки, скали и птици и прозорци и стотици автомобили. И облаци и полиција и доктори, и баба и дедо. Видов луѓе со различни лица, и големи работи, и мириси, кои зборуваат сите во исто време. Има врати и повеќе врати. А позади ситe тие врати има друго внатре и друго надвор. И работите се случуваат, се случуваат. Никогаш не престанува. Плус, светот менува светлина и топлина. Кога бев мал, знаев само мали нешта. Но сега кога имам пет, знам СÈ'".

„Соба" е за децата чија фантазија ги штити од лошотиите од светот на големите. Тој е за родителите кои во еден момент мора да ги пуштат своите деца да пораснат и да се соочат со неговите вистини. И за оние возрасни кои успеале, после години гледање на небото само низ херметички затворен прозорец, да излезат надвор, и да го почувствуваат дождот на лицето.

25 јануари 2016 - 07:41