Шеќерната приказна

Слатко-горчлива изложба во рафинерија за шеќер

Свинга која личи на египетска но е целата направена од шеќер. И скулптури на црни момчиња од карамела со големи кошници во рацете. Звучи слатко, нели?

Кара Вокер го привлече вниманието во 1997, со нејзините мурали кои од далеку изгледаат шармантно - црни фигури кои како да танцуваат на белата позадина на ѕидовите. Но од блиску се појавуваат вистинските слики, на ропство, линч и насилство.

Нејзиниот најнов проект е поставен во напуштена Домино фабрика за шеќер во Њујорк. Наскоро таа ќе биде срушена за да отвори простор за згради и канцеларии, но пред тоа Вокер замолила да ја употреби оваа урбана руина за нешто посебно.

Целата фабрика одвнатре е обложена со шеќер, па се случува додека одите да се залепите за подот. Во средина на една од мрачните сали е поставена огромна бела скулптура направена од - шеќер. Личи на египетска сфинга, само што е со лик на Афро-американка. Во средниот век скулптурите направени од шеќер биле наречени „Финотии" (од subtlety - финост, суптилност), а ги правеле луксузни изработувачи на слатки за посебни прилики.

За да се разбере подтекстот на целиот проект доволно е да се погледне неговиот безобразно долг наслов: „Финотии, или прекрасна шеќерна девојка во чест на неплатените и преработените работници кои ги рафинираа нашите слатки вкусови од шеќерните полиња до кујните на Новиот свет, а по повод рушењето на рафинеријата за шеќер Домино".

Ефектот е силен, затоа што гледајќи во нешто слатко и шармантно, всушност гледате во нешто вознемирувачко. Тоа во случајов е трговијата со робови која им овозможувала високи профити на оние кои во 18 и 19 век се занимавале со производство на рафиниран шеќер и рум.

„Во основа тоа е крвав шеќер, вели Вокер. Како што зборуваме за крвави дијаманти денес, така и тогаш имало памфлети кои велеле дека овој шеќер всушност ја содржи крвта на оние кои го произведувале". За производство на шеќерот трската морала да се става во големи мелници рачно, што било многу опасен процес.

При истражувањето на историјата на производството на шеќер во Америка Вокер наишла не само на неверојатни податоци од минатото, туку и на такви од сегашноста. Како на пример керамички фигурини кои се продаваат онлајн на слабички црни момчиња кои носат големи кошници. Во фабриката сега се поставени исти такви, само поголеми, кои Вокер ги направила од карамелизиран шеќер. Бидејќи во просториите нема климатизација, шеќерот полека се топи, па изгледа како од момчињата да тече крв.

Изложбата беше отворена на 10. мај а ќе трае до 6. јуни.

19 мај 2014 - 08:50