Нова автобиографија со предговор на Џегер

Слатките соништа на Дејв Стујарт

За многумина тој е само тивката (и погрда) половина на Јуритмикс. Но ликот и делото на Стујарт е многу повеќе од тоа.

Работел со Том Пети, Дамијан Марли, Џош Стоун, и со Мик Џегер, кој го има напишано и воведот за новата книга „Слатките соништа се направени од ова: живот во музиката". Почнал како гитарист кој го сакал британскиот фолк и американскиот блуз, но станал пионер на синт-попот. Пренесуваме дел од неговото интервју за Салон, по повод излегувањето на книгата.

Со децении сте во музиката без да снеможите. Што е вашата тајна?

Не ми стана досадно додека не седнав да ја напишам книгата, тогаш ги сфатив сите тие различни епизоди и авантури - ми требаа пет години да ја напишам. Одговорот на вашето прашање е што веројатно до сега никогаш не сум гледал наназад, секогаш сум бил возбуден во врска со нов артист, нови проекти. И со тоа како да направиме музиката да остане релевантно комерцијална кога сите ја користат без пари.

Само што продуцирав пет нови музичари во последниве 18 месеци. Ако останеш долго време во светот на елитата и на рокенрол благородништвото, може да заборавиш колку  музиката е возбудлива. Но ако си цело време со нови таленти, кои се неверојатно ентузијастични, тогаш и ти примаш од нивната возбуда, а пак тие од твоето искуство. Мислам дека е до тоа.

Најпознати сте по Јуритмикс, но музички сте се посветиле на многу нешта. Кои други периоди од вашата кариера се исто толку интересни?

Во книгата Јуритмикс заземаат голем дел. Тоа што бев со Ени, што живеевме заедно и водевме заеднички бенд, тоа се скоро 20 години.

Но пред тоа бев момче кое избега од дома во комбе со музичари. Ме најдоа во шест наутро во гепекот. Ги замолив да не ме враќаат, само му се јавив на татко ми на телефон. Подоцна живеев и спиев на под кај еден сликар, чија соба беше потполно празна, само бои насекаде. Самото сознание дека „еј, има луѓе наречени уметници, и тие си прават што сакаат и не им е гајле дали гладуваат". Тоа беше одлична лекција.

Со Ени минавме низ период кога имавме 8 фунти неделно за двајцата, живеејќи во сквот. Тоа е кога влегуваш во празна куќа и живееш таму без да плаќаш кирија, всушност е нелегално.

Дали препорачувате романтична врска со некој од истиот бенд? Звучи трики.

Мислам дека бевме ретки во светот кој успеаа. Главно, тоа е рецепт за катастрофа и раскинување. Но Ени и јас бевме пар и пред бендот, живеевме заедно. Кога бевме во „Туристи" немавме ни напишано заедничка песна. Потоа ги формиравме Јуритмикс и одлучивме да се разделиме како пар, а луѓето ни викаа „Како ќе работите сега заедно, тоа нема да успее". Но всушност успеа. Напишавме околу 140 песни.

Боуви на кратко се појавува во книгата. Што ви значеше неговата музика?

Кога бев дете неговата музика ми го помати умот. Еднаш кога бев во Лондон и го пуштив „Ханки Дори" на врата се појавија Јеховини сведоци. Повеќето луѓе не ги пуштаат внатре. Ама јас бев толку возбуден од музиката - посебно од „Живот на Марс" - што ги поканив. И им реков, „Јас сум Дејвид Боуви". Тие немаа појма кој е тој. Им ги пуштав сите тие чудни песни, и на крај тие рекоа, „Ок, доста ни е - фино што се запознавме".

Се сретнавме многу пати. Во осумдесетите ги слушавме Биг аудио дајнемајт (групата на Мик Џоунс од Клеш) во Риц. Зборувавме за многу работи.

Го поминавте животот со музичари, некои од нив со тешки судбини, а и самиот сте имале неколку инциденти кои завршиле во болница. Дали музичарите се посклони кон самоуништување од повеќето други луѓе?

Имало истражување во Австралија генерално со уметници, и нивната стапка на самоубиства е многу повисока од просечната. Да се биде уметник е комплицирано, затоа што немаш распоред, немаш слободни викенди, немаш ништо што е поврзано со регуларен живот, затоа што тоа не е работа. Тоа е нешто што се случува во твојата глава и не запира.

Така секој оној кој е уметник е истовремено и ужасно несигурен. Може да се манифестира со прекрасен изведувач како Боуви, со голем број различни карактери. Или може да се манифестира на Ник Дрејковски начин - трики е.

Дали 80-тите беа најдекадентниот ваш период?

Кoга Јуритмикс станал голем бенд, тогаш раскинавме и јас бев сам прв пат во животот. За среќа ја имав оставено дрогата. Да бев сам и да земав дрога додека бев успешен и богат, тоа можеше да биде сосема различна приказна. Но поминав низ тоа додека бев сиромашен, Ени ми помогна да ја надминам зависноста од спид.

Бев трансформиран. Имав искуство блиску до смртта кога бев на болничка маса за операција, и од таму излегов како различна личност. Напишав графичка новела за тоа и ја нареков „Влез" (Walk In). Тоа е кога нечие срце ќе престане да чука а нечија друга душа или дух влегува во телото. Тогаш купив електронска опрема и правев семплови по 12 часа дневно, без да помислам на шоља чај. Сите го забележаа тоа и викаа „Уау, што му се случи на Дејв?"

Дејв со Џегер во „Старите навики тешко умираат" од филмот Алфи

9 февруари 2016 - 08:36