Што е точно тоа „циганска" (или „македонска") работа?

Скандал со новото издание на речникот на шпански јазик

Најстариот и најавторитативниот речник на шпанскиот јазик деновиве предизвика скандал. Причина: поврзувањето на една етничка група со нивна наводна карактерна особина. Како стојат работите во врска со ова во нашиот?

Како што јазикот создава и промовира стереотипи, низ медиумите, фолклорот и секојдневниот говор, така може и да се потруди да ги деконструира или осуди. Ова станува особено важно ако некој низ говорот (вицови, поговорки, урбани легенди) со генерации пласира некаков „имиџ" на одредена етничка група, која од и онака општествено маргинализирана станува омразена. Работата пак е сериозна ако тој „некој" е официјална институција од највисок ранг, во случајов Кралската шпанска академија, која е уредник и издавач на Речникот на шпански јазик. Неговото 23-то издание излезе деновиве, а беше свечено промовирано на прослава на која присуствуваа и кралот Фелипе Шести и кралицата Летиција.

Во него е отстранета претходната дефиниција на „хитано" (gitano), како придавка („цигански") со значење измамнички. Но наместо тука да заврши работата, додадена е нова дефиниција, синонимна со „трапасеро", со значење нечесен или мативода, „некој кој употребува незаконски начини за да повреди или измами некого при трговија или размена".

Здружението на феминистки-Ромки за диверзитет сега презема акција, повикувајќи ги Шпанците да го поддржат нивниот повик за отстранување на дефиницијата, со закачување свои слики со пораки на Фејсбук страницата на Академијата (да, нивната академија е на Фејсбук), а закажан е и масовен протест на 7 ноември пред зградата на ШАНУ во Мадрид.

„Јазикот има последици", вели една од членките, „а ова е светски призната институција со големо реноме, кое треба да се заслужи со одговорни постапки". Од друга страна, директорот на Академијата Хозе Мануел Блекуа, им изјавил на новинарите дека „еден речник мора да биде научно прецизен, а само ако е тоа можно и политички коректен".

На официјалниот твитер акаунт на Академијата (да, нивната е и на Твитер), ставот им е уште појасен - тие не авторизираат или наметнуваат начин на кој говорителите ќе ги користат или ги користеле зборовите, само го отсликуваат. А во случајов според нив има само еден начин како сите тие (вклучително и Циганите кои живеат во Шпанија и зборуваат шпански) го користат „цигански".

Ова беше повод да го отвориме Речникот на македонски јазик (редактор: Блаже Конески, од 1966 и второ фототипско издание од 1994) и да видиме што пишува таму на истата тема. На стр. 515 има прилично обемен опис на оваа придавка, која подразбира - цигански коњ и лето, но и „некултурно, на цигански начин". Под „циганштилак" пак се подразбира ситничава работа, скржавост, како во „се циганчи за една банка". За разлика од ова под М нема придавка „македонски" која би ја отсликала често употребуваната изрека „остај, македонска работа".

Да, речникот треба да ја отсликува живописноста на јазикот. Но кога станува збор за навредливи и омаловажувачки термини може да биде барем фер па да вклучи и такви кои се однесуваат на оние кои го зборуваат јазикот како мајчин, и нив, исто како и останатите, да ги обележи со „пежоратив" или некоја друга ограда од нивната политички некоректна употреба. Последниот том од Толковниот речник (Т-Ш) колку што знаеме се уште не е излезен, па не знаеме што пишува на оваа тема таму. Но она што го знаеме е старата македонска поговорка, „Поарно да речи чоеко мед или шеќер, ошто да речи пелин".

30 октомври 2014 - 09:17