„100-годишникот кој излезе низ прозорец и исчезна"

Шведскиот Форест Гамп

Комедија базирана на бестселерот на Јонас Јонасон од 2009, сега претворен во еден од најскапите скандинавски филмови. Главен јунак: стогодишник кој на светот гледа не со сарказам, туку со благонаклона љубопитност и подготвеност за авантура. Звучи добро дури и за некој двојно помлад.

„100-годишникот кој излезе низ прозорец и исчезна", од моментот кога беше објавена во родната Шведска во 2009, е продадена во шест милиони копии и преведена на 38 јазици. Приказната е за човек по име Алан Карлсон, кој кога полни сто години завршува во старечки дом. Но толку му е досадно, што на денот на неговиот роденден бега низ прозорец и влегува во авантура која вклучува куфери со кеш, криминалци и слонови. Истовремено, прикажани се сцени од целиот негов дотогашен живот, додека поставувал експлозиви како тинејџер, и кога ги сретнал Франко, Сталин, Труман и Реган, кои исто така се појавуваат во филмот.

Сите овие елементи асоцираат на „Форест Гамп“, до толку што кога Јонас го видел филмот во 1994 се депримирал, бидејќи тогаш веќе ја имал идејата за книгата. Сепак, таа постигнала голем успех, кој сега филмот се очекува само да го повтори. Режисер е Феликс Хенгрен, а главната улога ја игра 50-годишниот шведски комичар Роберт Густафсон, кој за улогата морал да носи многу шминка.

Скандинавија во последно време стана позната по „ноар" крими романите и нивните филмувани верзии, како „Девојката со тетоважа на змеј". Швеѓаните никогаш не биле познати вон сопствената земја по комедиите, за кои Густафсон смета дека се поблиски до британските отколку до американските: „Не сакаме преглумување, како Џим Кери. Ги сакаме Монти Пајтон и Рики Џервејс. Пајтоновци тука се како богови", вели тој.

Премиерата на филмот во Британија се случи на 4. јули и изгледа дека ќе биде хит. А и како не би бил симпатичен филм за стогодишник кој се уште на светот гледа не со сарказам, туку со благонаклона љубопитност? Звучи добро дури и за некој двојно помлад.

7 јули 2014 - 09:42