Уште еден значаен светски проблем

Што пол е Гарфилд?

Пред некое време пишувавме за едно битно филозофско прашање - дали јафа е бисквит или колаче. Еве уште едно такво: дали Гарфилд е машко,  женско, или нешто трето? Да си знае кој пат да го фати на 8ми март.

Жолт е, мераклија за пици, лазањи и секаков вид храна, мрази понеделници и е лик кој многумина од нас ги плени со ставот „баш ми е гајле“. Секогаш сме мислеле дека е машко, можеби затоа што во цртаните го синхронизирале со таков глас. Но последниве денови на Википедија се водеше вистинска уредничка битка околу тоа дали ова дебело крзнесто и четвороножно суштество има пол, и ако да, кој.

Креаторот на Гарфилд, Џим Дејвис, во 2014 за Ментал Флос на тема полот на неговиот славен мачор има изјавено:

„Гарфилд е многу универзален, тој е мачка но не е ни машко ни женско или која и да било посебна раса или националност, не е ни млад ни стар. Тоа ми дава многу поголема слобода во хуморот“.

Тоа може да значи дека самиот автор го замислил како родово-неутрален, но контрадикторно е што насекаде низ стрипот сите ликови го нарекуваат „тој“. Освен тоа, Гарфилд наводно го добил името според дедото на Дејвис, а во некои земји тоа му е родово уште поопределено, како „Густав“ во Шведска.

Кулминацијата во целава дебата настапи кога некој од компјутерска адреса на американскиот Конгрес го острани Гарфилд од категоријата „машки стрип ликови“. Вообичаено од неа досега е реагирано на ревизии на страници со политичка содржина, како на пример на сајтот на огранокот на републиканската партија од Небраска или Конгресната комисија за права на ЛГБТ заедницата. Но ете, некој очигледно се почувствувал повикан да се изјасни и по ова прашање.

Дебатите околу полот/родот и сексуалната ориентација на фиктивните ликови и историските личности секако не се нови. Минатата година, кога на црна актерка ѝ беше доделена улогата на Хермиона во театарска верзија на „Хари Потер и проколнатото дете“, Џ. К. Роулинг во интервју им одговори на оние кои замерија за ваквиот избор со: „идиотите реагираат идиотски“.

Коментарот на Гарфилд на сите овие родово-расно-социјално-класни дилеми:

via GIPHY

3 март 2017 - 17:05