Смеата не е шала

Што е тоа „син хумор“?

Комедија која се занимава со тешки теми како расизам, сексизам, хомофобија и користи „мрсен“ и крајно некоректен речник се вика „сина“. Зошто?

Комичарите и коментаторите на она што се случува на полето на хуморот тврдат дека барем во Америка одамна немало толку цензура и автоцензура во однос на тоа што смеат а што не смеат да спомнуваат во нивните настапи. Кодовите и ритуалите кои го моделираат хумористичниот перформанс се базираат на речиси математичко секвенционирање и структура на скечевите и нивната логика, или од необични поврзувања кои би требало да резултираат со смеа. Но токму тука, во флуидниот простор помеѓу ризичното и целосно неприфатливото лежат потенцијалните стапици за комичарот, чиј обид да насмее може да се сфати како непотребно малициозен или како резултат на „штетно незнаење“.

Морализирањето како облик на (авто)цензура секако не е ново. Историчарот Клиф Нестероф во книгата „Комедијанти“ (2015), базирана на двестотини оригинални интервјуа со комичари и обемен архивски материјал, го истражува начинот на кој тие ја коментирале и ја менувале американската култура во текот на изминатите сто години, но и како самите тие ги менувале темите и пристапот кон нив. Од раните денови на американската комедија, која имала повеќе циркуска отколку клубска традиција, Нестероф го дава примерот на Бенџамин Франклин Кит, еден од оние кои ги контролирале поголемиот број водвиљски театри. Тој всушност почнал со шоу програми во 1880-тите, кога продавал билети за изложби на „прерано родени црни бебиња“.

Но како што земјата станувала порелигиозна и националните вкусови се менувале, така се менувал и пристапот на Кит. Неговата жена била посветена католичка верничка, која се бунела за сè што не ѝ било по вкус, па така и големиот број комичари под капата на Кит морале да изведуваат „чисти“ вицови. Доколку некому од менаџментот не му се допаѓал материјалот, зад сцената било испраќано барање за „сечење“ на дел од содржината. Тоа било испраќано во син плик, па оттаму и терминот „сина комедија“ за таква која е полна некоректни и за многумина навредливи содржини.

Според друга приказна, терминот е смислен од комичарот Макс Милер, роден 1894, кој на сцена излегувал со два тефтера - бел и син, и од публиката барал да одбере вицови од една од нив. Синиот бил тој со мрсните скечеви.

Списокот на комичари кои постојано или од време на време знаат да „работат сино“ ги вклучува Џорџ Карлин, Еди Марфи, Боб Сагет, Сара Силверман, Крис Рок и други. Тие го оддржуваат во живот она што комедијата го бара - зачекорувањето во грдите, непријатни области на човечкото срце, пред жива публика. Како и дворските луди кои настапувале пред средовековните кралеви, и ним им е неопходна слобода да „пукаат“ - дали куршумот ќе ја погоди метата или главата на изведувачот зависи од тоа колку успешно тој ќе ја направи разликата помеѓу обичното пцуење и клеветење и уметноста.

1 април 2017 - 11:00