150 години од раѓањето на Макс Вебер

Што е тоа „харизма"?

„Гласајте за Х, затоа што тој е харизматична личност“ во ушите на Вебер и денес би звучело страшно. Затоа што авторитетот кој почива на таканаречената харизма според него лесно запаѓа во диктатура и тоталитаризам. 

Вебер, заедно со Емил Диркем и Карл Маркс се смета за еден од тројцата основачи на социологијата. Неговото највлијателно дело, „Протестантската етика и духот на капитализмот" од 1905 е дел од серија негови студии посветени на врската помеѓу различните религиски идеи и економијата, која продолжила со проучување на конфучијанизмот и таоизмот во Кина, религиите на Индија и древниот јудаизам и нивното влијание врз локалните економии.

Но едно друго негово дело од 1947 кое ретко се споменува, „Модели на трансакција и трансформација на лидерскиот авторитет" е интересна студија за тоа што го прави еден човек лидер, и кои се изворите на неговиот легитимитет.

Според Вебер, покрај ропството, има три вида односи помеѓу некој водач и неговите следбеници, односно три типа владеење:

1. Харизматско
Поединец се одделува од толпата заради тоа што му се придаваат натприродни, натчовечки и херојски квалитети.
2. Бирократско
Бирократијата според Вебер е „контрола на основите на знаењето", и претставува суштина на рационализираната, законска, хиерархиска моќ.
3. Традиционало
Ова лидерство е врзано за лојалност и одреден начин на водење на политика кој може да се спореди со монархиско владеење или со моќта на еден султан.

Најинтересен од списоков ни е квалитетот на „харизма", чија дефиниција од етичка, естетска или која и да е друга гледна точка е прилично нејасна. Она што е сепак јасно е дека таа претставува опасност за границите воспоставени од бирократската (законската) или традиционалната власт, и дека заради тоа на неа се гледа како на потенцијално револуционерна.

Но откако еднаш ќе се востоличи на власт, харизмата по дефиниција се рутинизира, а знае и да прејде во автократија или во диктаторство. Еден од начините за да се одржи првобитната харизматична аура на оној кој е на власт е градење култ на личноста. Ризикот од ваквата стратегија е што ако лидерот за кој станува збор умре или биде сменет, а не постои негова „достојна замена", ваквиот режим е осуден на брза пропаст.

За да не дојде до ова, транзицијата се обезбедува на еден од следниве начини: со потрага со време по нов харизматичен лидер (како во случајот со наследникот на Далај Лама), преку негово божествено назначување („пророштва"), назначување од страна на првобитниот водач на негов наследник, назначување од страна на квалификувани експерти (како во случајот со Папата), со наследување (на пример од родител на деца) или пренесување на харизмата со самото пренесување на должноста (како при ракоположување владици во православието).

Оттаму, според Вебер, спротивно на популарната употреба на терминот „харизматичен лидер", во смисла на некакви посебни одлики на личноста-водач, харизматичниот авторитет не се потпира на некакви реални карактеристики, туку единствено на врската помеѓу владетелот и неговите следбеници. Валидноста на нечија харизма не лежи во тоа дали некој е навистина добар, чесен, интелигентен и способен, туку дали е прифатен/признаен како таков. Секако, во „прифаќањето" голема улога може да игра и стравот.

Со еден збор, ако одиме по Вебер, кандидатите за каква и да е политичка функција и нивните ПР тимови треба да внимаваат кога во описот на личноста како квалитет ја наведуваат харизматичноста. Затоа што ова е во суштина шуплив концепт, кој сепак може да нанесе (и историски нанел) голема штета.

За оние кои сакаат да издвојат 49 минути на темава, предавање од серијата Оpen Yale Courses од професор по социологија под наслов „Вебер за харизматичниот авторитет".

23 април 2014 - 09:30