Ера во која веќе никој нема да знае како да знае

Што доаѓа после фактите?

Нова книга обелоденува застрашувачка ситуација, која додуша интимно ја познаваме, затоа што секојдневно ја живееме, ера во која местото на фактите го преземаат лесно достапните податоци, чија вистинитост ретко или воопшто не се проверува. Но има и полошо - наскоро не само што веќе никој нема ништо да знае, туку нема да знае како да знае.

„Нашиот интернет: знаејќи повеќе и разбирајќи помалку во добата на големиот број податоци" на Мајкл П. Линч почнува со експеримент:

Замислете општество во кое мобилните се минијатурни и ви се приклучени директно во мозокот. Колку и ова да звучи глупо, Лери Пејџ, со-основачот на Гугл, ова го има веќе ветено: „За некое време ќе имате имплант, и кога ќе помислите во врска со кој и да е факт, тој ќе ви го каже одговорот".

Сега замислете дека живеејќи со генерации со вакви импланти, луѓето почнуваат да се потпираат исклучиво на нив, и постепено да го забораваат вообичаениот начин на учење - преку набљудување, истражување и користење здрав разум.

Да речеме дека сосема неочекувано во еден момент се случува природна катастрофа која целосно ја уништува електронско-комуникациската мрежа, и сите импланти крахираат. Веќе не би постоела лесно достапна и директна база преку која би се дошло до некаков факт. Веќе никој не би знаел ништо, затоа што никој не би знаел како да знае.

Заклучокот на Линч од овој мисловен, а сепак интиутивно толку близок експеримент е - Гуглам, значи не сум. Него не го интересира развојот кој довел до ваквата ситуација, туку повеќе последицата, односно нашата неможност самостојно да ја оцениме веродостојноста на некое тврдење, кое ни се сервира како факт.

„Факт" етимолошки доаѓа од facere, „прави" или „дејствува". Во неговото денешно значење, на нешто за кое сме согласни дека е вистина, почнал да се употребува откако Црквата во 1215 го исфрлила тн. „Божји суд" како доказна постапка, преку која вината или невиноста на обвинетиот била одредувана со негово изложување на екстремен тест. Ако Господ му се смилувал и извел некое чудо за да го спаси, тоа значело дека човекот е невин. „Чуда" секако, се случувале никогаш или ретко, па доказната постапка на тој начин истовремено станувала и казнена.

По напуштањето на оваа пракса, утврдувањето на вината почнало да се врши со судење со порота, што барало нова доктрина на докажување, и нов метод на истрага. Така се создало она што историчарката Барбара Шапиро го нарекува „култура на фактот" - идејата дека еден посведочен чин или предмет (супстанца, материја, оттаму и терминот matter of fact) е основа на вистината и единствен вид доказ кој е прифатлив не само на суд, туку и во други области каде е потребно нејзино утврдување. Помеѓу 13-19 век фактот почнал да се шири од правото кон науката, историјата и новинарството.

И така стигнуваме до 20 век и до интернет. Ерата на фактите се ближи кон крајот - нивното место сега го преземаат податоците. Ова предизвикува епистемолошки хаос, затоа што собирањето и проценувањето на фактите бара истражување, споредба и размислување, додека пак собирањето и анализата на податоците е предадено во рацете на машини. Сега ретко откриваме факти базирани на сопствената работа и искуство, вели Линч, а наместо тоа нив ги „симнуваме" или „качуваме", или едноставно ги копираме. Интернет не го има создадено овој проблем, но го нагласува, затоа што:

„Без заеднички стандарди врз основа на кои проценуваме што е сигурен извор на информации и ефективен метод на испитување, а што не е, не можеме да се договориме околу фактите, А КАМО ЛИ ОКОЛУ ВРЕДНОСТИТЕ."

Кога се потпираме на Гугл-знаење веќе не преземаме одговорност за нашите сопствени убедувања, и така си го намалуваме и онака смалениот капацитет да согледаме како фактите се вклопуваат во едно поголемо цело. Во суштина ние одиме наспроти нашиот разум, но истовремено, уштекани на машини, се лишуваме и од емпиријата, односно од животното искуство.

Чаре? Линч смета дека решението може да биде во дефинирањето заеднички практични и етички принципи, кои ќе претставуваат брана против такви системи базирани на случајност и на сила.

Нека ни е со среќа.

17 март 2016 - 16:20