Нова книга на Рандал Манро

Што ако?

Пред неколку дена излезе долгоочекуваната книга од авторот на нашиот сакан стрип xkcd. Неговиот наслов ја најавува содржината - одговори на сложени прашања кои допираат до с'ржта на човечкото постоење. На пример, што ако секој од нас навистина има само една сродна душа?

„Што ако?“ - прашање кое ги поттикнало најголемите човечки откритија, но кое е истовремено и зафркната когнитивна стапица, која тој - човекот - си ја поставува самиот себеси. Ама некои луѓе уживаат да поставуваат хипотетички прашања, а пак други уживаат да ги одговараат. Рандал Манро е еден од вториве.

Обожавателите на xkcd знаат дека тој е поранешен инженер од НАСА, со образование од Кембриџ, а со табиет на срамежлив стрип-цртач кого ретко кој успеал да го улови на камера. „Што ако?" е збирка на прашања кои на Манро, заради сиот негов научно-човечки кредибилитет, му ги поставувале неговите фанови на сајтот на стрипот, во палета од научни, преку филозофски, до апсурдни.

Еве извадок од книгата, во кој се разгледува едно важно прашање: Што ако за секого има по само еден идеален партнер - сродна душа - на светот?

Одговорот на Манро:

Каков кошмар би било тоа. Има многу проблеми со концептот на еден единствeна сродна душа. Како што тоа го вели Тим Минчин во неговата песна:

Твојата љубов е една во милион
не може да се купи по ниедна цена.

Но од 9,999 стотици илјадници други љубови,
статистички, некои од нив би биле подеднакво фини.

Но што ако имаме само една случајно доделена сродна душа, и не би можеле да бидеме среќни со никој друг освен со неа?

Да претпоставиме дека вашата сродна душа е одредена од раѓање. Не знаеш ништо за неа, но - како во романтичното клише - треба да ја препознаеш во моментот кога ќе ви се сретнат очите.

Ова покренува неколку прашања. На пример, дали вашата сродна душа е сè уште жива? Стотици милијарди луѓе до сега живееле на Земјата, но само седум милијарди се живи во моментот (што на човечката состојба ѝ доделува 93% стапка на морталитет). Ако сите се спаруваме по случаен избор, 90% од нашите сродни души се одамна умрени.

Ова звучи страшно. Но само момент, станува полошо: едноставен аргумент покажува дека не можеме да се ограничиме само на минатите луѓе, мораме да вклучиме и непознат број идни луѓе. Затоа што ако вашата сродна душа може да биде во далечното минато, тогаш исто така мора да е можно таа да е и во далечната иднина. 

Но ајде да претпоставиме дека вашата сродна душа живее во исто време со вас. И за да не биде чудно, да препоставиме дека сте само неколку години различни по возраст. Така, повеќето од нас имаат околу пола милијарда потенцијални идеални партнери.

Но што е со полот и сексуалната ориентација? А културата? А јазикот? Можеме да искористиме различни демографски критериуми за понатаму да ги комплицираме работите, но со тоа се оддалечуваме од идејата за случајна сродна душа. По нашето сценарио, вие не знаете ништо за неа се додека не ја погледнете во очи. Секој има само една ориентација - кон сопствената сродна душа.

Веројатноста да налетате на неа е неверојатно мала. Бројот на туѓинци со кои се погледнувате во очи секој ден е тешко да се процени. Може да е нула (во мали градови), до неколку илјади (полицаец на Тајмс сквер). Да речеме дека се погледнувате во очи со неколку десетина нови туѓинци секој ден. Ако 10% од нив се блиску до вашата возраст, тоа е 50,000 во целиот живот. Со оглед на тоа што имате 500,000,000 потенцијални сродни души, тоа значи дека ви требаат десет илјади животи за да ја постигнете целта.

Но сооченo со заканата да умреме сами, општеството може да се реструктуира за да овозможи колку што е можно повеќе контакт со очи. На пример огромни подвижни ленти за луѓето да минуваат едни покрај други...

...или ако ова функционира преку веб-камера можеме да користиме модифицирана верзија на Четрулет.

Ако секој го користи системот осум часа дневно, седум дена во неделата, и ако ви требаат неколку секунди за да одлучите дали некој ви е сродна душа, системот би можел - теориски - да спари секого со неговата сродна душа за неколку децении.

Но во реалниот свет голем број луѓе имаат проблем да издвојат време за романтика воопшто, а не па да потрошат две децении на тоа. Така, само богатите деца би можеле да си дозволат да седат цел ден на Рулетот. Но за жал тие богати 1% би можеле да ги најдат сродните души во останатите 99%. Така излегува дека само 1% од 1% ќе си најде сродна душа во системот - еден во десет илјади.

Останатите 99% од 1% ќе мора да внесат повеќе луѓе во него. Тие можат да спонзорираат проекти од типот Компјутер за секое дете. Професии како „касиер" или „полицаец на Тајмс сквер" ќе станат барани заради потенцијалот за очен контакт. Луѓето масовно би се собирале на јавни настани и по плоштади за да најдат љубов, исто впрочем како што тоа го прават и сега. Ние останатите, што не сме во 1% и што немаме такви професии, ќе немаме среќа.

Со оглед на целиот стрес и притисок, некои луѓе ќе мамат. Ќе сакаат да му се придружат на клубот, па ќе се спарат со друга осамена личност и ќе исценираат лажна сроднодушевна средба. Ќе се земат, ќе ги кријат нивните проблеми во врската, и ќе се обидуваат да изгледаат среќно за пријателите и семејството. И секако, ова никогаш не се случува во нашиот свет.

10 септември 2014 - 16:07