Се планира продолжение на „Момчештво"

Филмот на Линкејтер беше неправедно прескокнат од Академијата, којашто ѝ додели само награда за споредна улога на Патриша Аркет. Но ова не го разочарува режисерот, кој иако најпрвин сметал дека ова ќе биде еднократен, додуша 12-годишен проект, сега вели дека приказната за момчето Мејсон има шанси да продолжи, со неговите студентски денови. 

„Можеби е комбинација на тоа што конечно почувствував дека е готово и тоа што постојано ме прашуваат околу можното продолжение, едно утро се разбудив и помислив - 20-тите се прилично формативни години, тогаш стануваш она што ќе бидеш целиот живот. Така, умот ми отиде накај идејата за продолжение", ја пренесува Гардијан изјавата на Линклејтер.

Тоа не значи дека и следниот филм би се снимал толку долго, ниту пак дека би ја имал истата необична структура. Но исто како и со трилогијата „Пред изгрејсонце", „Пред зајдисонце" и „Пред полноќ" на Линклејтер, која не била однапред планирана а сепак се случила, и ова може да биде серија од неколку филмови.

„Многу би сакал да работам со истите актери, и мислам дека сите би сакале да продолжиме со соработката. Но тоа не може да биде примарната причина. Секогаш треба да имаш нешто што сакаш да го кажеш. Не можеш да го сториш тоа само затоа што сакаш да работиш со пријателите, мора навистина да имаш нешто во себе што сакаш да го искомуницираш. Можеби ќе се случи, не знам, во моментов е во етерот".

„Момчештво" имаше шест номинации на овогодинешните Оскари, вклучително за најдобар филм и најдобар режисер. Тоа што не ги доби овие награди очигледно не влијае врз ентузијазмот на неговиот режисер, и покрај физичкиот факт дека тој многу побргу ќе остари отколку главниот лик на неговите потенцијални продолженија. 

Букбокс освртот за филмот тука

25 февруари 2015 - 15:17