Сци-хаб, или приказната за отпорот кон платените академски списанија

Една жена е заслужна за основањето на пиратски сајт за научни статии, на тој начин овозможувајќи им на илјадници студенти и истражувачи во светот да ја прескокнат таа за останатите невидлива „железна завеса" на знаењето.

Можеби се сеќавате на статијата „Како изгледа да си професор во Македонија низ гиф-ови". Една од тажните сликички се однесуваше на радоста кога колега од странство ќе ти дозволи (се разбира не-баш-легално) да искористиш негов пристап до некое странско списание, за кое што инаку се плаќаат тешки пари.

Во 2011 Александра Елбакјан, истражувачка од Казахстан, која ги искусила овие проблеми на своја кожа, го создала Sci-Hub, сајт преку кој се обезбедува нелегален, но толку потребен пристап до огромен број научни статии - дури 48 милиони од различни области. Што се однесува до бројот на посети на сајтот ДНЕВНО - 19 милиони.

Алтернативата на ваквиот пиратски пристап кон научните сознанија е законски благословен договор со крупните издавачи на научни списанија, кои наплаќаат илјадници евра/долари/фунти годишно. Такви суми се способни да платат само многу богати, топ универзитети во светот, што значи дека сите кои не работат во вакви институции се однапред академски хендикепирани, и во однос на информираноста за најновите научни резултати, и во однос на можноста и тие некогаш да објават во престижно списание, за кое не знаат ни како изгледа.

Sci-Hub е така направен што има ниво на пристап поголемо од кој и да е поединечен универзитет, па дури и од која и да е влада. Тоа е буквално цел свет на знаење - а ова e сега важно повеќе отколку кога и да е, кога во „реалниот" свет еден Харвард веќе не може да си дозволи да плаќа неверојатно големи претплати, исто како и еден Корнел, кој одамна се има откажано од пристап кон куп списанија.

Елбакјан го направила сајтот токму од вакви хуманистички пориви, а поттикната од сопственото искуство во родниот Казахстан. Таму, како и во голем број други земји (вклучително и во оние „развиените"), потрагата по текст, за којшто однапред и не знаете дали навистина ви треба туку се раководите според насловот и клучните зборови, знае(ла) да биде многу мачна. Обично се молат колеги од странство за услуга, или се оди на некој форум каде се постира барање, па се чека некоја добра душа да помогне. Сега со Сци-хаб симнувањето е полесно, но останува фактот дека е пиратско, и дека може секој момент да згасне.

Тоа до сега се случувало, заради судски тужби од издавачите. Еден од најголемите, Елсевиер, во њујоршкиот суд се очекува да добие случај против Сци-Хаб, при што бара отштета од 750-150,000 долари ЗА СЕКОЈ од пиратираните текстови. Па сега вие помножете со 48 милиони.

Против Елсевиер застанаа (засега) 15,564 истражувачи од разни земји, кои со потпишување на петиција „се заколнаа" дека не само што никогаш веќе нема да го користат списанието, туку нема ни да објавуваат, да рецензираат, ниту пак ќе уредуваат за овој издавач. Минатата година 31 член на уредувачкиот одбор на списанието Лингва кое го издава Елсевиер дадоа оставка и отворија свое списание со отворен пристап, Глоса. Вакви примери почнаа да се појавуваат и кај други издавачи.

Во писмото до судијата, Елбакијан меѓу другото појаснува дека и ако должи некому пари тоа не е издавачот, туку авторите:

„Елсевиер не е креатор на овие статии, тоа се истражувачите. А пак тие не добиваат ни цент од оние пари што ги собира издавачот. Ова е многу различно од музичката или филмската индустрија, каде авторите добиваат пари од секоја продадена копија. Но економијата на истражувачките статии се разликува. Авторите не добиваат пари. Зошто тогаш би требало да ги испраќаат нивните текстови во вакви списанија?".

За иронијата да биде поголема, дури и автори чии текстови биле објавени НЕ МОЖАТ ДА СИ ГИ ВИДАТ (барем не легално).

Кратко време по судскиот налог за затворање Сци-хаб е повторно онлајн. На сајтот има и манифест: „Бараме укинување на интелектуалната сопственост или авторските права за научни и образовни ресурси", се вели во него.

Им посакуваме среќа.

11 февруари 2016 - 14:41