Сакате монографија од Милчо?

„Монографија" често асоцира на голема и дебела книга во тврд повез, која ако е посветена на некој заслужен автор, него (и буквално и фигуративно) со златни букви го запишува во културната историја.

Книгата-монографија на Милчо не е во тврд повез и нема рељефни, златни букви на корицата. Тој самиот на неа е фотографиран со покриено лице, како да порачува - „не сум јас битен, туку она што го правам".

А направил, и прави. Дебелата книга е всушност повеќе густа - полна факти, толкувања, преписки, фотографии, педантно архивирани материјали, есеи, меморандуми, телеграми, дури и фејсбук статуси и твитови, кои на овој начин стануваат легитимни извори за една (не)официјална историја.

Двегодишната макотрпна работа на Марина Костова и графичките дизајнери се заокружуваат со дело за делата на Милчо, кое самото по себе може да биде репер за жанрот којшто го претставува - не пувачки, туку јасен, стамен и пред сè вистинит приказ на еден креативен живот, кој фала богу уште трае.

Иако неодамна пренесовме линк за слободно симнување на книгата, еве можност за нејзино добивање на хартија. Букбокс доделува 2 монографии, ама со мало домашно - нив ќе ги добијат оние читатели кои најкреативно ќе употребат некоја од антологиските реплики од неговите филмови (не мора да е „пукај братучед.."), во слика, стихотворба, парче музика, рачна изработка, или за што веќе ве бива. Испраќајте до петок тука. Книгите ве чекаат.

16 јуни 2015 - 16:09