„Ловец на невидлив плен“

Режисерско деби на Спрингстин

Брус, во соработка со Том Зимни, кој последниве 14 години прави спотови и документарци за Шефот, го обелодени својот режисерски првенец - краток филм за една од песните на неговиот последен албум.

Последен пат Брус го спомнавме пишувајќи за филмот „Спрингстин и јас", составен од домашни видеа направени од негови фанови низ целиот свет. Но сега самиот тој се јавува како режисер, на видео за сопствена песна.

10-минутниот филм е инспириран од песната Hunter of Invisible Game (Ловец на невидлив плен), и ја следи содржината на стиховите. Тие зборуваат за еден осамен човек кој се обидува да преживее во постапокалиптична атмосфера, но кој не ја губи надежта, црпејќи сила од убавите спомени.

Видеото, кое критичарите го нарекуваат „импресионистичко", е бавно и меланхолично, слично како и самата песна. Со неговото објавување Спрингстин го одбележа крајот на двегодишната меѓународна турнеја, која се состоеше од 170 настапи. Истовремено песната многумина ја сметаат како најдобра од неговиот најнов, 18ти студиски албум, High Hopes.

„Моќта е суета, времето е илузија
Ти го чувствувам здивот, останатото е конфузија
Твојата кожа ја допира мојата, што има да се објаснува
Јас сум ловец на невидлив плен"

Видеото:

31 јули 2014 - 17:07