Режисерот на Џејмс Бонд кој самиот бил таен агент

Тоа дека креаторот на Бонд, Јан Флеминг, црпел книжевна инспирација од сопствената шпионска работа е добро познато. Но дека тоа го правел и режисер на неколку филмови за 007, меѓу кои „Голдфингер“ и „Живеј и остави да умрат“, многумина го дознаа дури по неговата смрт.

Гај Хамилтон, кој пораснал во Франција но во детството бил испратен во интернат во Англија, прв пат се опробал во филмската индустрија во доцните 1930. Кариерата му ја прекинала Втората светска војна, кога му се придружил на движењето на отпорот.

Во јуни 1944 се нашол во ситуација која би му била предизвик дури и на Бонд. Во тек на мисија на истовар на тајни француски агенти во Бретања, Хамилтон и неговата посада составена од двајца морнари се закотвиле на место кое вриело од германски војници. Под плаштот на темнината, Хамилтон и морнарите со чамец ги довеле агентите до брегот, но кога се вратиле, бродот веќе го немало.

Во едно од последните интервјуа пред смртта во април минатата година, на 93 години, Хамилтон раскажува како поминал неколку денови во бегство, избегнувајќи ги германските патроли и минските полиња. На крај тројцата биле спасени од француското движење на отпорот, и засолнети во семејна куќа на девојка по име Ан Роперс. По цел ден лежеле во собата на родителите на Ан, за да не се забележи движење низ куќата, а станувале само ноќе.

Сепак една вечер за малку ќе биле фатени, кога членовите на отпорот решиле малку да се забавуваат, па отишле на куглање во блиската кафана. Сè било добро, само што истата идеја за забава ја имале и бројни Германци во униформа. Тие на Хамилтон и пријателите им понудиле да играат едни против други, и ги частеле и пива. За среќа Хамилтон и онака зборувал течен француски, па неговиот британски акцент не бил забележан.

Така живеел скоро еден месец, пред да избега назад во Англија. Десет денови подоцна рутата за бегство била откриена од нацистите. За неговата храброст тој по војната добил воено одликување. Тогаш продолжил да работи на филмови, најпрвин како асистент под легендарниот режисер Карол Рид („Третиот човек“), а подоцна и самиот режирајќи блокбастери, како „Битката за Британија“ и четири Бонд филмови (Голдфингер, Дијамантите се вечни, Човекот со златниот пиштол и Живеј и остави да умрат).

Според Роџер Мур, кој снимал со него, Хамилтон и самиот бил во голема мерка Џејмс Бонд карактер. „Секогаш знаеше што е уверливо и колку далеку може да ја однесе публиката, а тоа беше резултат не само на неговите филмски искуства, туку и на реалните воени подвизи“, изјавил тој.

Поврзано: „Есторил“ или приказната за Душко Попов, вистинскиот Џејмс Бонд