Рејмонд Чендлер за Оскарите во 1948

Славниот американски писател, најпознат по неговите детективски романи и кратки раскази, во 1948 во Атлантик објавил долг текст посветен на филмската уметност и индустрија, но со посебен акцент на наградата Оскар. Помеѓу другото тој го коментира и начинот на гласање.

„Порано", вели Чендлер, „гласањето се вршеше од сите членови на различни филмски еснафи, вклучително и од статистите и „малите" актери. Потоа беше сфатено дека ова им дава голема моќ на прилично небитни групи, па гласањето за различни категории беше ограничено на оние за кои се претпоставува дека се способни за критичко размислување на темата. Очигледно ни ова не беше успешно, па следната промена беше номинациите да се прават од специјализираните еснафи, а гласањето само од членовите на Академијата.

Изгледа дека не прави голема разлика како се врши гласањето. Квалитетот на делото се уште се цени според неговиот успех. Супер извршена работа во никаков филм нема да ви донесе ништо, а рутинска работа во филм-победник ќе биде сметана за одлична. Гласањето се прави во контекст на вакво обожување на успехот, со придружната врева која ја прават оние кои се рекламираат по весниците (кои дури и интелигентните луѓе го читаат во Холивуд), а што се прави за да се исфрлат од игра сите останати филмови кои не се рекламираат. Психолошкиот ефект е голем врз оние умови кои се условени да мислат за вредноста само како нешто што е поврзано со успехот на благајните. Членовите на Академијата живеат во оваа атмосфера, тие се крајно сугестибилни луѓе, како и сите работници во Холивуд. Доколку имаат склучено договор со некое студио, тие се натерани да мислат дека е работа на групен патриотизам ако гласаш за производите на „твоите". Неформално се советувани да не ги трошат залудно нивните гласови, да не ги ставаат картите на нешто што не може да победи, особено ако тоа е нешто направено од конкуренцијата.

Управниот одбор на Академијата е соочен со големи маки за да ја заштити чесноста и тајноста на гласањето. Тоа се прави преку анономни, со бројки означени гласачки ливчиња, а тие не се испраќаат на некаква агенција од филмската индустрија, туку на добро позната фирма јавни книговодители. Резултатите, во затворени коверти, се носат директно на сцената за време на доделувањето на наградите од страна на претставник на фирмата, и таму се обелоденуваат по прв пат. Никој не може однапред да ги знае овие резултати, дури ни во Холивуд каде секој агент ги учи добро чуваните тајни на студијата без голема мака. И да има тајни во Холивуд, во што понекогаш се сомневам, ова гласање треба да биде една од нив.“

Целиот текст тука

24 февруари 2015 - 16:14