Два филма со ист наслов, а сосема различна порака

„Раѓање на нацијата“ 1915 и 2016

Викендов беа доделени наградите на фестивалот Санденс. Онаа на публиката и на жирито ја доби „Раѓање на нацијата", којшто зборува за побуна на еден афро-американски роб во 1831.

Но нем филм со сосема ист наслов премиерно бил прикажан во февруари 1915 и станал првиот „блокбастер" во американската историја. Кога светлата во салата згаснале и оркестарот почнал со воведната тема, на екранот се појавила следнава порака од режисерот Д. В. Грифит:

„Ова е историска презентација на Граѓанската војна и периодот на Реконструкцијата, и нема намера да отсликува која и да е денешна раса или народ".

Реално, филмот е скоро тричасовна расистичка пропаганда во која робовите (кои ги играле бели актери со поцрнети лица) се прикажани како неинтелигентни, сексуално ненаситни, особено кон бели жени и како генерално пониска форма на живот. Од друга страна, основањето на Ку Клукс Кланот е прикажано како значаен историски чин, а неговите членови како херои.

Иако и тогаш имало обиди филмот да се цензурира, тие завршиле безуспешно, а неговото идеолошко влијание било огромно. Се смета дека бил користен како регрутациска алатка на ККК, а тоа е и првиот американски филм кој под Вудроу Вилсон бил прикажан во Белата куќа. И покрај контроверзната содржина, никој не спори дека иновативните техники на Грифит претставуваат значаен чекор напред во естетиката на американските филмови, а тој е одбран за конзервација во Националниот филмски регистар на САД. Еден критичар по неговата премиера изјавил: „Најлошата работа во врска со Раѓање на нацијата е колку е тој добар".

Сто години подоцна, среде дискусиите за малиот број не-белци коишто се номинирани за Оскар, главните награди на Санденс ги однесе еден друг „Раѓање на нацијата", чијшто режисер, сценарист и главен актер е Нејт Паркер. Дека ќе биде победник било јасно уште кога тој доживеал стоечки овации од публиката. Приказната се однесува на робот Нејт Тарнер кој поттикнал буна во Саутхемптон, Вирџинија во 1831. Насловот е намерно ист со претходно спомнатиот, како иронија и кон денешните расистички изливи на некои од претседателските кандидати, туку и кон основите на филмската индустрија. „Го презедов насловот и му ја променив намената како алатка за отпор кон расизмот и поттикнување на бунтовнички став кон каква и да било неправда", изјавил режисерот, којшто седум години се обидувал да го сними филмот. Сега тој воспостави нов рекорд на фестивалот, бидејќи беше откупен од Фокс Срчлајт за 17,5 милиони долари.

Трејлер за верзијата од 1915

Сите други награди на Санденс тука

1 февруари 2016 - 09:28