Лингвистички хит 2012

Работава ни е „омнишемблс"

Oxford University Press и оваа година ги одбра двата најпопуларни збора во англискиот. Британскиот и американскиот победник стануваат нови одредници во Оксфордскиот речник на англискиот јазик.

Победник за САД е зборот „gif" (Graphic interchange format), онакви сликички што се мрдаат, кои оваа година станаа честа илустрација на статии и во посериозните онлајн медиуми.

Но поинтересен е британскиот победник - „omnishambles" (омнишемблс), кој означува „ситуација која е раководена сосема погрешно, и која ја карактеризираат низа грешки и лоши проценки". Зборот почнал да се користи во сатиричното телевизиско шоу „The Thick of It", но потоа станал вирален и почнал да означува сè, од владини ПР гафови до пропустите во текот на подготовките за Олимпијадата.

Сузи Дент, лексикограф кај споменатиот издавач, изјавила дека зборот бил избран заради неговата популарност, како и заради неговата „лингвистичка продуктивност".

Во финалето влегле и други интересни и, веруваме, продуктивни зборови, како „мами порн" - жанр во подем по успехот на „50 нијанси", како и „плеб" - погрдниот назив за луѓе од ниската класа или плебсот, кој британскиот министер Ендрју Мичел го упати на полицаец, по што беше принуден да даде оставка.

Македонски еквивалент на „омнишемблс“ - распад систем. Ама тоа се веќе два збора.

13 ноември 2012 - 15:42