Пулицер 2017: Студија за принудно исселување на сиромашните во САД

Вчера, 10.04, беа објавени добитниците на Пулицеровата награда за 2017 (деталниот список тука). Најинтересни за нас се оние во категоријата Уметност и книжевност, во која за „генерална нефикција“ наградата ја доби Метју Дезмонд, за книгата „Истерани: сиромаштија и профит во еден американски град“.

Опишана како „брилијантна, срцепарачка книга“, студијата на Метју Дезмонд се сместува во областа на социологијата. Сепак, според користените методи таа повеќе наликува на урбана етнографија, на граница со истражувачко новинарство. Дезмонд на повеќе од 400 страници ја раскажува приказната за осум семејства кои живеат во најбедните населби на Милвоки, а чии судбини се во рацете на двајца сопственици на недвижнини во овој дел од градот - некогашна учителка која станала претприемач, и човек кој раководи со кампови со приколки во градот каде живеат оние кои не можат да си дозволат нормален дом. Обајцата немаат милост за нивните кираџии, па кога овие немаат за кирија често завршуваат на улица, дури и ако се работи за самохрани мајки со деца кои остануваат без дом пред Божик.

Повеќето сиромашни семејства како овие трошат повеќе од половината од заработувачката на домување, и се принудени да живеат со само неколку долари дневно за останатите потреби. За да заштедат на првото живеат по засолништа, напуштени и разурнати куќи и станови, во опасни маала. За претходната книга, „На линијата на огнот“, Дезмонд работел со тим на шумски пожарникари во Аризона, а додека ја пишувал „Истерани“ тој се преселил во камп со приколки, а потоа во трошна куќа во градот, набљудувајќи го и истовремено активно учествувајќи во животот на луѓето. Во книгата вака го опишува тоа искуство: „Се чувствував валкано, собирајќи ги овие приказни и маки како некакви трофеи“.

Голем број од соговорниците на Дезмонд имаат направено „лош избор“ во животот - користење дрога, коцка или алкохол. Ваквите моменти за конзервативците се универзално објаснување на сиромаштијата, која заради тоа не заслужува сочуство. Но најлошиот „избор“ во вакви околности не е ни „трева“, ни крек, ни евтин алкохол туку - да се има деца. Газдите мразат деца затоа што тие прават врева и бељи. Според едно правило, доколу на бројот за итни случаи 9111 има три повици месечно од или за една иста адреса, тогаш газдата добива нешто што се вика „белешка за вознемирување“, што самото по себе може да послужи како причина за исселување на семејството, без оглед дали повикот бил во врска со домашно насилство или можеби напад на астма на некое од децата. Причина за исселување може да биде и поплака до газдата за каков и да е проблем со станот. Доколку газдата не го реши може да се оди на суд, но 70% од оние кои поднесуваат вакви тужби воопшто не се во состојба да се појават на рочиште, затоа што не можат да си дозволат да отсуствуват од работа или затоа што воопшто не добиле повик. Токму на едно вакво рочиште кое се оддржува заради исфрлување на една станарка и нејзиното семејство, Дезмонд доживува просветлување

„Доколку одењето во притвор го дефинира животот на мажите од сиромашните црни гета, присилното исселување ги моделира животите на жените. Сиромашните црни мажи се заклучени. Сиромашните црни жени се исклучени“.

Сцените на присилно исселување кои ги сведочи Дезмонд се сцени на неверојатна суровост: шериф кој џвака мастика потпрен на ѕидот, туѓинци - испотени мажи кои го изнесуваат мебелот, купчиња предмети што се трупаат надвор, меѓу кои во еден случај има и до половина изедена торта и полуиспразнет роденденски балон. Во меѓувреме газдите на овие куќи, кои покренуваат исселувања, се сончаат на Карибите, со профит од 400,000 годишно. Овие пари се резултат на екстремната беда на кираџиите, кои се плашат да се жалат или немаат каков и да е правен застапник. Така, сиромаштијата излегува лукративен бизнис, во земја за која авторот на оваа книга вели дека веќе не важи ни морален кодекс, ни етички принципи, ни свети книги.

Поврзано: Букбокс гледаше - „99 куќи“