Томас Мертон

„Прва лекција за човекот“

Убава песна за човечката природа, од еден католички монах, мистик и борец за социјална правда. 

Toмас Мертон (1915-1968) бил англо-американски писател и мистик. По студиите на Кембриџ и Колумбија, во 1949, станал монах од редот на трапистите (контемплативен католички монашки ред), и го добил името отец Луис. Напишал повеќе од 70 книги, повеќето посветени на духовноста и социјалната правда, како и автобиографија која станала бестселер. Од нехристијанските учења особено го ценел зен будизмот и во дијалог со познатиот јапонски писател Д. Т. Сузуки напишал книга на оваа тема. Истовремено, пишувал и поезија. Оваа песна му е убава.

ПРВА ЛЕКЦИЈА ЗА ЧОВЕКОТ

Човекот почнува во зоологијата.
Тој е најтажното животно.

Човекот вози голем црвен автомобил
наречен неспокојство.
Ноќе сонува
дека се вози во сите можни лифтови.
Загубен во ходниците,
никогаш не ја наоѓа вистинската врата.

Човекот е најтажното животно.
Наутро јаде овесни снегулки
и пие млеко.
Низ порите му избива кафе,
и губи трпение
кон останатите суштества

Тој ги црта своите гревови по ѕидовите
и на огласните плочи во подземните железници.
Ѝ црта мустаќи на секоја жена
затоа што не може да ја најде својата радост,
освен во зоологијата.

Кога го крева телефонот
да повика Радост,
тој добива погрешен број.

Затоа сака оружје,
ги знае сите пушки по нивното вистинско име.
Вози голем црн Кадилак наречен смрт.

Сега својата јанѕа тој ја праќа во вселената.
Неговите грижи летаат околу Венера,
но тоа не прави да му биде подобро.

Во свемирот каде долго време
владее единствено празнината,
тој управува со голем бел глобус
наречен смрт.

А сега драги деца,
откако ја научивте првата лекција за човекот,
напишете си го домашното.

„Човекот е најтажното животно
тој почнува во зоологија,
и се губи во сопствените лоши вести".

13 декември 2013 - 18:21