Сите сме ние конзумирани

Прв роман на Дејвид Кроненберг

„Кралот на телесниот хорор“ или „Баронот на крвта“, како што со право го нарекуваат Кроненберг (71), на стари години одлучи да влезе во книжевните води. Неговиот прв роман кој излегува денес, 30.09, се вика „Конзумирани“, и за оние со слаб стомак е многу „бљак“ и „фуј“. Спојлер: дедо филозоф-човекојадец, чии сексуални помагала вклучуваат апаратче за слушање. 

Нејтан и Наоми се современ пар - медиумски зависници кои и самите ја хранат зависноста на другите, пишувајќи како онлајн новинари за сексуални скандали или за вистински злосторства, со графички детали. Нивните перверзни апетити се вешто врамени во интелектуални референци кон Маркс, Бекет или Сартр, а посредувани преку најсовремени електронски сензори, камери и компјутерски апликации.

Ова е само вовед во приказна со детективски, сексуални, медицински и друг вид стравови и ужаси, кои Кроненберг ниту во филмовите, ниту пак сега во неговата прва книга, не се снебива да ги сподели. Потрагата во која се впуштаат Нејтан и Наоми е по старец, филозоф-човекојадец кој ја убил и изел неговата жена. Но зачудувачки, тој не е толку скандалозен по тоа што јаде луѓе, туку по неговите сексуални преференци. Спојлер: истражување на еротскиот потенцијал на апаратчињата за слушање.

Запрашан во интервју за NPR дали би направил филм по сопствената книга, Кроненберг вели:

„Би требало да го изневерите романот за да му бидетете верни. Треба да го преиначите за филм, и преку тоа му вршите тортура. Чувствувам дека тоа не е третманот кој би му го посакувал на мојот роман"

Извадок од книгата тука

30 септември 2014 - 15:11