Добитникот за 2016

Прв Американец кој доби Букерова награда

По 48 години од првото доделување на престижното книжевно признание за проза, на списокот добитници се најде Американец, чија сатира се споредува со онаа на Џонатан Свифт и Марк Твен. 

Во 2013 Букер објави дека ги проширува критериумите, и дека ќе почне да ги зема предвид за наградата сите романи оригинално напишани на англиски, а објавени од издавач во Британија. Тогаш реакциите (на Британците) беа панични, бидејќи се сметаше дека многу бргу Американците ќе почнат да доминираат со ова престижно признание. Други предупредуваа дека на овој начин жирито ќе има толку многу за читање што победникот можеби ќе биде одредуван повеќе „од тепка“.

Три години после промената на правилата, а 48 од воспоставувањето на наградата, во вторник вечер беше објавено дека овогодинешен добитник е Американец. Пол Бити ја доби за романот „Распродажба“ (The Sellout), сатира во која главниот лик, Афро-американец се обидува да го врати назад ропството и сегрегацијата, само за да си го потврди неговиот идентитет.

Бити признава дека книгата не е баш лесна за читање, но историчарката Аманда Форман, која претседавала со жирито оваа година вели дека тоа не е лоша работа: „Прозата не треба да биде удобна. Вистината ретко е симпатична, а ова е книга која го распнува читателот на крст со шеретска насмевка“.

Неговиот хумористичен стил е споредуван со оној на Свифт или Твен, книгата е полна со „профаности“ и исмевање на политичката коректност. Издавачот на оваа книга е истиот што ја издаде и „Кратка историја на седум убиства“ на Марлон Џејмс, кој ја доби наградата минатата година, откако книгата била одбивана за печатење дури 78 пати (за што пишувавме тука)

Бидејќи за разлика од Нобелот тесниот избор за наградата тука е познат однапред, конкурентни за неа оваа година беа уште еден американски писател, двајца од Канада и двајца Британци. Но за да стигне до ваквиот краток список членовите на жирито оваа година требале да прочитаат 155 книги во тек на 10 месеци. Самата награда изнесува 50,000 британски фунти, а на добитникот на гала свеченост вчера му ја предаде Војвотката од Корнвал.

26 октомври 2016 - 10:17