Нов графички роман

Приказната за сексот: од мајмуни до роботи

Од древните грчки оргии и вибраторот на Клеопатра полн пчели, преку смерните викторијанци, до сексуалните вештини на Индија, нашите (човечки) сексуални копнежи и реализирани ќефови отсекогаш биле разновидни. Нов стрип напишан од познат сексолог ја следи не само историјата, туку и можниот развој на настаните на полето на физичкото општење.

2020: клонирањето ја овозможува асексуалната репродукција. Ин витро со селекција на карактеристики на бебето е веќе вообичаена практика. Проституцијата е во силно опаѓање заради достапноста на сексуалните роботи.

2060: светска декриминализација на хомосексуалноста. Сидата е под контрола но се јавува нов З-Прим вирус, кој е првиот сексуално пренослив резистентен вирус. Забранети се секакви орални или генитални контакти, иако кондомите се уште во игра.

2080: автоеротиката ги пробива сите граници, со употреба на импланти и холограми, ослободена од ограничувањата на човечките односи

Ова се предвидувањата на еден од авторите на „Приказната за сексот“, стрип кој е бестселер во Франција а неодамна е преведен на англиски. Филип Брено има прекрасна титула - директор на одделот за сексологија на Универзитетот Декарт во Париз, кој целиот живот го посветил на оваа област. Илустраторка е Летиција Корин, која вели дека иако внимавала сцените да не бидат порно, книгата сепак е препорачливо да не се прелистува во јавен транспорт или на работно место.

Брено, кој меѓу другото работи и како сексуален терапевт, тврди дека порастот на разводи од 1970-тите во Европа и светот покажуваат дека од меѓучовечките односи бараме и очекуваме многу повеќе од порано, нешта кои не се секогаш возможни:

„Тешко е да се биде интимен, затоа што сакаме совршена љубов и совршен секс, а тоа е многу тешко во долга врска. Сакаме многу повеќе од само асален човек со кого ќе ги растеме децата“.

Решението според него е да научиме повеќе за сексот, за неговата главна функција (репродукција, а не лично задоволство), како и за историјата на меѓучовечките врски кои се основа за нашите денешни проблеми. „Потекнуваме од примати, но во тие заедници нема парови или семејства. Тоа се само мажи и жени со деца“. И иако почетоците на семејството можеби звучат како прекрасен момент, Брено вели дека токму тука е почетокот на машката доминација, која традиционалниот брак ја легализирал.

Денес, кога ни изгледа дека светот експлодира од сексуални слободи, сепак не смееме да мислиме дека ова се однесува на сите делови од општеството. Напротив, се создаваат „нови моралисти“, кои стануваат сè порадикални како што се радикализира и спротивниот, либерален „табор“. Оттаму и значењето на овој стрип и како едукативна алатка, која ги прикажува различностите не како современи измислици, туку нешто што е дел од човештвото целиот негов и-не-толку-долг во космичка смисла живот.

 

29 октомври 2016 - 11:00