Коцката е фрлена

Приказната за Амариљо Слим

На Букбокс повеќе пати му е замерено дека е опседнат со годишнини од смрт и последни поздрави на познати личности. Но на ова не можевме да одолееме - некрологот за Томас „Амариљо Слим" Престон во Економист, кој умре на 29. април на 83. Приказната за овој уметник во својата професија звучи ко да е филмска.

Ако се најдете како седите на маса за покер карши Амариљо Слим, најмудро ви е да не зуцнете ни збор. Тој секако ќе се обиде да ви почне муабет. Како сте, како иде, такви работи. Но најдобро е да молчите. Може да ве познае само гледајќи ви ја потта на горната усна. Всушност може да ви ги погоди картите со гледање на пулсот на вашиот образ. Ако се обидете пак вие да го прочитате, ќе наидете на студени, строги очи скриени во сенката на неговиот стар голем Стетсон. На неговиот обод имал звечарка - која самиот ја убил - и велел дека во знак на почитување можел да ви стави отровница во џебот и да ви побара запалка.

Изгледаше како тексашки каубој, и токму тоа и беше, со огромен посед земја и голем број регистрирана стока. Можеше со јаже да фати и да тегне арапски коњи побргу отколку што тие можеа да трчаат, и да договара хранење и молзење на стоката со најдобрите. Но овој фраер имаше и специјално направени чизми од кожа на ној, со баклава, треф, пик и срце на нив, и парички од еден долар зашиени врз копчињата на кошулата (или, во свечена варијанта, несечени скапоцени камења кои му ги пратил Пабло Ескобар за да се извини за тоа што по грешка го киднапирал во Колумбија). Баш супер опрема и друштво за еден каубој.

Бил толку висок и слаб што се плашел да се бања во када како мал, за да не истече низ сливникот. Изгледал како лесен за тепање, со тој исушен селски газ. Но кога се движел бил стегнат и суров, агресивен како гризли. Тоа што звучел како сељак било дел од блефот - не победуваш на четири светски шампионати во покер без мајсторска вештина во читање мисли и во аритметика, комбинирани со челични нерви.

На прашањето кои се финтите за играње најдобар покер во светот, тој одговарал дека порадо би видел рана слана на неговите праски отколку да си ги издаде тајните. Ама сепак нешто кажувал. Играј ги ирачите, не картите. Гледај ги од моментот кога ќе седнат. Играј брзо во бавна игра, бавно во брза. Никогаш не излегувај кога победуваш. Барај го идиотот и, ако не можеш да го најдеш, стани и замини, бидејќи идиотот си самиот ти.

Вештините му биле развивани од детството. Најпрвин играјќи билијард со Мексиканци во Амариљо, возејќи по долги правливи патишта со пријатели, барајќи места за играње покер. Првиот пат рекол на татко му дека оди на лов на птици, а се вратил со 800 долари, вклучувајќи ја и првата банкнота од сто која кога и да е ја видел. Потоа минал неколку години шетајќи го југо-западот, играјќи цела ноќ и и спиејќи цел ден на задното седиште на Понтијакот кој го возела жена му. Немало попрекрасен начин да се збогатиш без да имаш стална работа.

Сепак, знаело да биде и тешко. Илегалните игри често биле разбивани од полицијата и од крадците. Еднаш бил онесвестен, и заврзан со самолеплива лента гол во када во хотел во Атланта, друг пат бегал само по долна облека по улицата Хјустон. Но кога дошол во Вегас тексашаните таму играле покер подобро од кого и да е, па Слим, испровоциран, изиграл најдобро од сите тексашани - до 1972 бил светски шампион. Станал селебрити, а неговиот омилен стил, Тексас Холд'ем станала омилена национална игра.

Но тој се коцкал со сè, сè додека имало шанси да добие. Се обложувал на која од петте коцки шеќер ќе слета мува, дали мачка може да носи шише Кока-кола низ собата, дали може да го победи Боби Ригс во пинг-понг ако игра со железни рекети, и дали може истото да го стори со Минесота Фетс ако играат билијард со метла, дали би се осудил да јава камила низ најелитното касино во Маракеш, и дали би можел да се влече држејќи се на коњска опашка еден километар. Сите овие работи стварно ги направил, и победувал, сè додека, за промена, Ѓаволот не решил да се обложи со него.

Неговата вештина повеќе или помалку станала почитувана во Америка. Таа е извадена од калта и ставена во блескави соби со дебели теписи. Од остаток од стариот криминален Запад, како и самите каубојци, и покерот станал корпоративен и модерен: на Светското првенство од 2006 имало повеќе од 8,000 играчи. Слим играл со Ричард Никсон, Линдон Џонсон, Мики Руни и Лери Флинт, и сите нив ги изел како колаче со ѓумбир, за 1.7 милиони долари по игра. Бил 11 пати на шоуто на Џони Карсон. Никогаш ни самиот не поверувал дека тој, кој целиот живот го минал во незаконски активности, му се обратил на Сенатот и бил личен пријател на Џорџ Буш постариот.

Сепак, имало граници. Се фалел дека зема мито, што звучело лошо. Но неговите чизми направени од кожа на ној се сопнале кога бил обвинет, во 2003., за малтретирање внуче. Неговата репутација тогаш почнала да опаѓа, и никогаш не се оправила. Три пати се изјаснил како виновен, за три одделни случаи, но исто така рекол дека е невин за целата работа. Луѓето се прашувале. Никој не бил подобар од Слим во блефирање; и дури и ако за момент сте помислиле дека сте ја откриле вистината за него, тие строги студени очи под Стетсонот ништо не кажувале.

Mузичка илустрација:

14 мај 2012 - 11:14