Аирлија денов

Приказна за денот на заљубените

Распространет на седум ридови долж широка река, некогашна престолнина на империја, Лисабон е дом и на еден српски преведувач и автор. Запознајте го Дејан Тиаго Станковиќ. И неговата баба Политима.

Се сретнавме случајно, на Фејсбук, место-без-место, кое може да биде и тераса која гледа на плоштад проектиран од некој „инкопетентен архитект", или рид од кој се гледаат покриви на од сонцето заруменет град.

Од збор-на збор излезе дека ги има преведено Андриќ и Драгослав Михајловиќ на португалски и Сарамаго на српски, и дека има издадено една книга раскази - „Од каде бев, веќе не сум" (на македонски издадена од Слово). Со поднаслов „и други лисабонски приказни", таа содржи дваесет раскази кои се посветени на неговата баба Политима, Влаинка од Скопје, која заедно со сармата, Политикин забавник и Чехов се дел од неговиот интимен трезор.

Во него се и ликовите од книгата чии судбини ја плетат и се сплетени од историјата на португалскиот главен град - од католички свештеник гневен на грешниот живот на неговите жители кој самиот завршува на клада, стар Евреин кој се враќа во градот за да ги пронајде трагите на својата семејна историја, емигранти кои се обидуваат во новата почва да пуштат корен и кревки стебла, добродушни травестити, калуѓерки, доминантни мајки и преобратени неверници...сите тие се во спокоен соживот во оваа книга, која е непретенциозна но убедлива, со суптилен хумор и ронки меланхолија.

Еден од таквите, по малку тажни но хумани раскази е и овој, кој заради поднасловот ептен легнува на денов.

И Дејан, немој да не се чуеме.

АБЕ НЕ Е СРАМОТА, ШТО ТИ Е
(приказна за денот на заљубените)

Самиот се понудив да го однесам Сашо на аеродром. Да знаев што ме чека, абе, да можев само да насетам, немаше да го сторам тоа. Навистина не. Не ми беше обврска. Можев само да се убедам дека ние всушност и не сме пријатели во вистинската смисла на тој збор, дека на здрав и прав човек такви услуги и нема потреба да му се прават. Сепак, се понудив.

Навистина и не бевме блиски. Се запознавме неколку месеци порано по препорака на моја многу блиска заедничка пријателка, заедно ги минавме првите денови на иселеништвото, а со тие луѓе стануваш како свој. Заради него ми се јави по телефон од далеку кадешто живее сега. Рече дека во Лисабон има пријатели од детство, дека дошол неодамна, дека се уште не се снашол како што треба. Слушна дека е осамен и дека не му е лесно. Не ѝ се жалел тој. Со него се слушнала, и тој звучел добро. Други ѝ кажувале поинаку. Ме замоли да му се најдам. Двајцата знаеме како е кога си тазе во белиот свет.

Му се јавив. Веднаш се спријателивме. Отепавме неколку вечери во градот и неколку претпладниња дома, како да се знаеме со години. Но, двајцата многу работевме, јас дење, тој повеќе навечер и ноќе. Не ни се поклопуваа слободните денови. Затоа не се видовме многу пати. Но се зближивме, не дека не. Не знам дали би било така да имавме повеќе избор. Сеедно...

И не ми беше тешко да го префрлам до аеродром, тоа е најмал проблем. Ниту ми беше тешко заради тоа да станам порано во недела. Тешко ми е да бидам тука затоа што до аеродромот тој не оди сам. Го испраќа пријателката за која ми раскажуваше. Сега сфаќам дека таа е повеќе од пријателка и дека сум се затекнал кадешто не ми е местото. За сите би било подобро да не сум тука. И за мене и за нив двајцата. Зошто сведоци на тажни случки?

Разделбите се најчесто тажни. А тие двајца се разделуваат. Во тоа нема дилема. Колку и да се трудат сè да изгледа привремено, не успеваат да прикријат дека е крај. Се уште се пар, уште неколку мачни минути. После веќе нема да бидат. Секој ќе продолжи по својот пат. Солзи нема, ако ги имало-ги имало, исплакани се. Враќање не се ни спомнува како можност. Всушност, тоа дури сега го сфаќам, тој бега. Заради тоа е целиот смотан и збунет; затоа му бега погледот како некому нешто да му згрешил. А не е виновен. Никој тука не е виновен. Немал ни избор, ни сила. Морал да се откаже. Едноставно, не можел да остане.

Таа би пошла со него да крајот на светот, а сепак останува. Не може да излезе од својот живот. Каков е, таков е, нејзиниот живот е тука. Додуша, не ја ни викна со него. Каде би ја викнал? И самиот не знае каде би одел.

Додека траат грчевитите прегратки и неспретните бакнежи што му претходат на крајот, се правам дека ме нема. Не ми требаше ова, мислам додека гледам во подот. Тие двајца уште малку се држат за раце.

- Ајде, тргај. Уште и ќе задоцниш на авионот и ќе останеш – му вели таа со насмевка, но не му ја пушта раката. Можеби навистина се надева дека тој, како во романтичен филм, во последен миг ќе се прекрши и ќе одлучи да остане. Не сме во филм. Нема да остане. Го користи бакнежот за да ја извлече раката од нејзината и ене го: веќе го покажа билетот и пасошот и мина на онаа страна на оградата од црна лента.

- Јави се дека добро си стигнал – вели таа. – И поздрави ги сите таму.

- Ќе се јавам, секако. Штом стигнам – вели тој. А потоа ми се обраќа мене, на неа, веројатно веќе нема што да ѝ каже:

- Е, а на тебе, брате, фала. Многу фала. И јави се кога ќе доаѓаш – ми довикнува преку рамениците на униформираното лице. Заминува низ ходникот. Пред да влезе во гужвата се обзрнува, ја крева раката високо, во знак на поздрав, и без вртење исчезнува од видикот.

***
- Ќе те однесам до дома – нудам.

Таа прифаќа, но останува да стои во место и гледа таму кадешто тој замина.

Иако сме само нешто повеќе од туѓинци, земјаци сме, и во подобри прилики веќе би се расприкажале, би си упаѓале во збор. Секој сака да зборува на својот јазик. Посебно емигранти кои немаат често прилики за тоа. А ние двајцата молчиме. Таа, сепак, некако подобро се снаоѓа во мачни моменти отколку јас.

- Има уште пола саат до летот, веројатно ќе стигне – си вели повеќе самата на себе. – Одиме ли? Треба да го земам малиот. Не сакав да го носам тука. Би плачел...Му реков дека Сашо бргу ќе се врати...Што друго да му кажам?

Седнавме во автомобилот. Само што тргнавме по авенијата, над нас се расчистија облаците и се појави сонце. Дождот ги оживеа боите на по пат нанижаните фасади. Сега, на сонцето, сјаат како кулиси кога на сцена ќе се запалат светла.

- Погледни ја само оваа убавина – вели таа. – Да не е овој град толку убав и јас веќе одамна би заминала некаде... Некаде. Не знам баш каде... А не си сонував дека некогаш ќе живеам тука.... И не ми е баш онака, демек, супер. Искрено, не – размислува, па продолжува:

- Знаеш како јас го сакам Лисабон?...Како што рогоносецот ја сака својата убава жена. Знае дека не е добра кон него, но не може без нејзината убавина. Сфаќаш?

Без прашања и воведи почнува да ми го раскажува својот живот. Комплицирана приказна. Ни тука кадешто е, ни од таму од кадешто е, нема веќе никого. Не е сама, има дете од три години. Малиот има татко, секако, но не живеат заедно. Никогаш не ни живееле. Тоа било авантура. Баш авантура. Свиреле заедно во бенд. Кога затруднела, му рекла дека од него не очекува ништо. Да не го кажела таа тоа, тој ќе ѝ го кажел. Таа сакала дете. Знаела дека не е моментот, но сакала свое дете. Добро знаела дека на него не може да смета. Тој едвај се издржува себеси, а не па семејство. Повеќе не работи отколку што работи. Не може да се натера да поднесе рутина. Таков е.

На семафорот ми покажува слика од детето. Мало, црнко, виткано, полничко. Насмеано. Се смешкаме и ние двајцата додека го гледаме.

- Татко му е Африканец? – прашувам.

- Така нешто. Мешано – вели.

Одржуваат контакт и таткото минува време со малиот. Колку што може. И добар е со него: си играат, му плете плетенки. Сака и да го причува кога ќе ѝ затреба. Еве, денес малиот го оставила кај тато за да дојде до аеродром да го испрати Сашо. Поинаква помош и не очекува. Некое време била на социјална помош, но од тоа не може да се живее. Фала богу, сега веќе не ѝ треба. Сега работи. Две работи. Преку ден, додека детето е во градинка, работи цело работно време. Административна работа. Како фабрика, но не го минуваш денот на лента туку на компјутер. Попладне дава часови клавир. Тоа може и дома. Додека таа ги подучува децата да свират, малиот си игра во другата соба. Музикален е. Барала работа како професор по музичко во училиштата, но нема формални квалификации за тоа. А клавир и не е во мода.

- Заработувам колку што ми треба. Добро ни е. Никој денес не е гладен – вели.

Тука е веќе пет и пол години. Скоро шест. Како и повеќето дошла сосема случајно. Заради љубов. И музика. Во почетокот водела уметнички живот. Мило ѝ е да се присети на тоа време. Вели дека била Artist in starving. И дека верувала дека е на врвот на светот. Тогаш се заљубила во градот. Потоа дошло детето и сè се сменило. Не ѝ е жал. Напротив.

Всушност и нема пријатели. А и да има, не би имала време за нив. Сашо налетал на неа. Патувал низ светот. Во Лисабон навратил, во минување, да види како се живее тука. Се познавале од школо. Не баш најдобро, но се познавале. Еднаш дури во некоја поголема група летувале заедно, но тоа било одамна. Потоа загубиле контакт. Нему некој му го дал нејзиниот број на телефон и кога дошол во Лисабон тој ѝ се јавил. Немал на кого друг. Го примила да спие на каучот. Додека не се снајде. Останал нешто повеќе од година дена. Тоа за него е успех. Него не го држи место. За таа една година ѝ бил единствен пријател. Ѝ бил дечко, но пред сè пријател. Се заљубила, несреќно, тоа од почетокот го знаела. Знаела дека ќе замине. Дури мислела дека тоа ќе се случи порано. Раскажува без премногу да се внесува, како да прераскажува туѓ живот.

- А малиот баш го засака Сашо. И Сашо него... – додава после мала пауза, замислена.

***
Стигнавме. На улицата, пред нејзината порта разменуваме уште неколку површни реченици. Сонцето повторно зајде за облаците. Ситен дожд почнува да ги оросува стаклата. Ни нуди оправдување да се разделиме. Излегувајќи, таа вели:

- Би те викнала на кафе, но станот ми е во хаос.

- Нема проблем. Друг пат..И јас брзам...

- Фала ти...И јави се – вели.

- Да, секако...Ќе се јавам – тргнувам кога таа му чука на стаклото.

- Еј!

- Кажи?!

- Извини, те излажав...Не ми е станот во хаос. Душата ми е во хаос...Ептен...Целата сум во хаос...Куќата ми е дури и ок. Поголема срамота е кога си неуреден отколку кога си несреќен, нели?

- Не е срамота, што ти е...Биди добра...Се слушаме кога ќе се средиш.

- Но немој да биде да не се чуеме.

Дејан Тиаго Станковиќ (превод И.Ј.)

Музичка илустрација: 

13 февруари 2014 - 19:07