Премиерот на Канада во стрип на Марвел

Џастин Трудо се занимавал со разни работи во животот - боксувал, држел обуки за скокање банџи, има неверојатни јога вештини. Плус е млад и симпатичен. И, да, премиер. Доволно елементи за да се најде во стрип на Марвел.

Трудо се наоѓа на насловната „Граѓанска војна 2: oдбирање страни", стрип на Марвел кој ќе излезе на 31 август. Облечен во маичка со знамето на неговата земја, со боксерски ракавици и шорцеви, тој е во придружба на канадска група суперхерои, на кои им е советник.

Рамон Перез, цртач од Торонто, изјавил дека одлучил да го претстави премиерот на овој начин за да го потенцира неговиот специфичен карактер. „Тој е многу популарен кај младите и присутен на социјалните мрежи. А има и боксерска историја, која е дел од приказната во стрипот. Затоа мислев дека ова е неговиот совршен изглед".

Приказната се врти околу Алфа фајт, супер-херојскиот тим на Канада, кој бара совет за една политичка ситуација која се случува во марвеловиот универзум. Од канцеларијата на премиерот изјавиле дека иако не учествувале во правењето на стрипот им било „ок" што Трудо е во него.

„Малку е незгодно кога некој става зборови во устата на премиерот, но прифатија дека ова е во основа фан фикшн поврзана со него", изјавил авторот, кој се надева дека Трудо нема да му се јави со зборовите: „Како можеше да направиш да му го кажам она на Ајрон мен?".

30 јуни 2016 - 09:19