Премиерот кој даде оставка поради несоница

Има повеќе причини зошто висок политичар би бил приморан да се откаже од привилегиите на својата функција, и тие најчесто имаат врска со пари или со секс скандали. Но има и ретки примери со кои не можеш а да не сочувствуваш, затоа што се за греота. Ова е еден од нив.

Британците знаат да покажат смисол за хумор онаму каде воопшто не би го очекувале, и тоа комбиниран со асли наука. Еден таков пример е книгата на Џонатан Дејвисон, „Даунинг стрит блуз: историја на депресија и други ментални пореметувања на британските премиери“, која во себе содржи психолошки проценки на 31 британски премиери, од првиот, Роберт Валпол, до 51-иот, Тони Блер. Според авторот дури 75% од нив имале значајни психијатриски проблеми и „речиси сите“ покажувале активни симптоми на истите. Иако генерално ваквите психијатриски нарушувања не биле некомпатибилни со ефикасното политичко раководење, кај 18% токму тие довеле до нивна (доброволна или наметната) оставка, па дури и до катастрофи од поголеми размери.

Една од поинтересните приказни во книгата е за Арчибалд Примроуз, попознат како грофот од Роузбери, кој станал Министер за надворешни во 1892, а премиер на Британија на 5 март 1894. Либерален империјалист кој поддржувал силна национална одбрана и социјална реформа дома, а империјализам вон границите на земјата, тој од историчарите е вреднуван како неуспешен на обете функции.

Голем дел од таа неуспешност се должела на пореметеното психичко здравје, кое особено дошло до израз по смртта од тифус на неговата жена, богатата британска наследничка Хана де Ротшилд, која тој ја опишувал како „многу едноставна, нерасипана, умна, со топло срце и многу срамежлива“. Роузбери не можел да се помири со загубата, и инсистирал нивните деца да носат црно многу подолго од вообичаено, а самиот ја водел својата кореспонденција на посебна хартија со црна лента до крајот на животот. Постојано страдал од несоница, па неговите доктори постојано препишувале сè поголеми дози морфиум.

За да го преживее напорниот работен ден Роузбери земал и кокаин што било сосема вообичаено во тоа време. Особено големи дози земал пред одржувањето на неговите говори, кога се покажувал како брилијантен оратор.

Но крајот на неговата кариера која и онака изгледа дека ќе била кратка се совпаднала со судењето на Оскар Вајлд. Протекло обвинување дека тие двајца имале хомосексуална афера, и иако ова никогаш не било докажано, стресот предизвикал премиерот да даде оставка во 1896. Комбинацијата на ментално пореметување, социјален притисок, примитивни лекарства и огромна тага придонела за ваквиот расплет на работите. Тој продолжил да се занимава со политика, но во многу помал обем, особено по мозочниот удар кој го хендикепирал цели 11 години. Починал во 1929, оставајќи им на трите деца имот вреден скоро 80 милиони евра денешни пари, што го прави најбогатиот премиер во историјата на Британија.

7 март 2017 - 10:07