Kога имаше живот

Пред интернет

Имаше многу работи пред интернет кои ги правевме, а сега ретко или воопшто не. Ама не е доцна. Уште има небо над нас во кое може да се загледаме, и книги на полиците кои чекаат да бидат прочитани. 

Пред интернет, можеше просто да седиш во фотеља со отворена книга во скутот, зјапајки пред себе, или зјапајќи во украсот на ѕидот - шалтајќи се помеѓу овие два начинa на постоење.

Пред интернет, можеби ќе се мотивираше нешто да нацрташ. Тивко ќе почнеше да скицираш нешто во тетратка, не сосема сигурен што е тоа, но ќе дозволеше инспирацијата да те води, и тогаш - оп! - ќе излезеше дека си нацртал кирвулест алигатор со ококорени очи.

Пред интернет, ќе минуваше летни попладниња проѕевајќи се и префрлувајќи се од еден тросед на друг, за потоа да одлучиш да изработиш лажна лична карта од Еф-би-ај. Ќе земеше малку хартија од собата на татко ти, ќе го копираше логото на FBI и твојот потпис, ќе го залепеше со селотејп, ќе си го ставеше во новчаник, ќе го извадеше, ќе го погледнеше, а потоа ќе си го вратеше во новчаникот со потајна насмевка.

Добро време беше тоа!

Ќе отидеше во некаква галерија, носејќи широки комбинизонки, ќе погледнеше во изложените скапоцени камења и ќе речеше: „Тоа е мачкино око“, а твојот другар ќе речеше, „Не. Тоа е опал“. И после ти ќе речеше: „Тоа е дефинитивно мачје око“. И немаше да има начин ова да се провери, немаше да има начин да се докаже кој е во право, освен ако некој немаше книгичка на темата. „Има некој книгичка?“, ќе прашаше, вртејќи се наоколу. „Има ли книгичка за ова срање?“

После ќе излезеше надвор и ќе се џареше во небото, само ти и твоето тело, неповрзан со никаква мрежа, лебдејќи сам со себе во свет на туѓинци, под сонцето.

Пред интернет, можеше да се преселиш во нова држава и никој во школо не ќе знаеше ништо за тебе. Немаше да имаш онлајн историја. Можеше да бидеш секој. Ќе се потпреше на ѕидот со длабокомислен израз на лицето, и ќе им дозволеше на луѓето да претпостават што сакаат. Дека си женско петле но и дека си машкуданка. Или дека во старата дома си се дружел со јато гаврани. И секој би претпоставил дека ако види гавран, птицата веројатно те познава, затоа што ти имаш некаква тајна разбирачка со гаврани, која се должи на недефинирани телепатски способности, кои понекогаш прават да изгледаш измачено, но исто така и многу важно.

А кога некој би сакал да влезе во трага на твоја поранешна пријателка, и да ѝ пише вистинско писмо за да дознае дали нешто од сето ова е вистина, епа со среќа нека му е.

Пред интернет, ако ти беа потребни некои факти, веројатно ќе појдеше кај некој постар, на пример кај оној што живее како потстанар во твојот сутерен. Но потоа можеби ќе се фатеше како го гледаш „Мостот на реката Квај“, што си се согласил да го направиш затоа што стариот те замолил на толку трогателен начин што не си можел да одбиеш.

По десет минути од филмот ќе појдеше по вода, ќе се затетеравеше кон кујната, каде ќе почнеше да зјапаш во фрижидерскиот магнет. Потоа, сам од себе, ќе почнеше да играш. „Можеби ќе режирам музички видеа“, ќе си речеше. Но ќе немаше начин да го спроведеш ова, само ќе стоеше во заглушувачката тишина на твојата кујна среде бел ден, сам со своите мисли.

„Дали треба да ги тестирам овие пенкала во тиркизната футрола?“, ќе се запрашаше, гледајќи во некакви пенкала крај телефонот.

Наместо тоа, ќе се напиеше малку од водата и ќе издишеше, „Аааа“, како некој од реклама. Ќе појдеше да го сториш тоа пред огледало, за да видиш како изгледа. Затоа што така беше пред интернет. Секој си се забавуваше сам.

Авторка: Ема Рабоун (од нејзиниот роман Losing It, кој се објави на 19 јуни)

24 јуни 2017 - 11:42