Дрн-дрн како јавен дискурс

Празните воденици на политичарите

„Дрвач", „дрндач", „празна воденица" - во САД во текот на актуелната кампањата за претседател се актуелизира еден подзаборавен збор, кој само покажува дека професијата политичар подразбира една универзална карактеристика: способноста многу да се зборува, а ништо да не се каже.

То bloviate (да се зборува високопарно а без суштина) датира од 1840-тите, кога бил користен како потсмешлив опис на надуените оратори од тоа време. Бил често спомнуван и во контекст на ликот и делото на Ворен Гамалиел Хардинг, 29тиот претседател на САД, кој се гордеел со својот талент - да зборува што подолго и што повеќе, без да каже ништо. Неговиот англиски бил опишуван како „гласно клокотење на зборови", соодветен само за простаци. „Ме потсетува на застоена чорба од грав, на идиотско лаење на кучиња во бескрајни ноќи. Толку е лош што во него има и некаков вид грандиозност", коментирал негов современик.

Од тогаш, па до 1990-тите, овој збор како да исчезнал, за повторно да се актуелизира главно како одговор на доминацијата на празната реторика по телевизиите и социјалните медиуми - дури ни Хардинг не би бил толку вешт да успее да дрнда и во 140 карактери. Но bloviate сепак не подразбира обично, туку учено, високопарно дрдорење, или барем нешто што звучи така.

Најсвеж пример за употреба на овој збор е во контекст на Доналд Трамп, за кого се вели дека ги користи зборовите со нешто помеѓу индиферентност и презир. Речениците му се „прекршени", има многу повторувања, дигресии, банални суперлативи и навреди. Неговиот јазик, според коментатор на ЛА Тајмс, е кулминација на американската фиксација со „природноста", која го има моделирано јавниот дискурс во текот на последниов век. Тоа всушност и не е јавен говор, туку симулација на муабет пред кооперација, што е една од причините зошто голем број луѓе го сметаат Трамп за „реален", „автентичен" и „еден од нас".

Вака опишан, американскиот јавен дискурс изгледа сличен на нашиот, иако „природното" во говорите на нашите политичари се уште не делува доволно природно. Kaко тргнало, ќе го бараме Ѕинго.

(особено меѓу 11-та и 12-та минута) 

2 септември 2015 - 09:02